• вторник, 27 февруари 2024

Антонио Коста: Португалија ќе продолжи со поддршката на европски пат на Северна Македонија  

Антонио Коста: Португалија ќе продолжи со поддршката на европски пат на Северна Македонија  

Брисел, 5 декември 2023 (МИА) – Португалија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат, објави португалскиот премиер Антонио Коста на платформата Икс.  

- Се сретнав со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје, каде можев да посведочам на силната посветеност на Северна Македонија на процесот на пристапување кон ЕУ во овој предизвикувачки геополитички контекст. Му порачав дека Португалија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат, наведе Коста во објавата, по неговата вчерашна посета на Скопје. 

Неговиот Кабинет соопшти дека Коста за време на посетата на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора претходните два дена ја истакнал поддршката на Португалија на напорите на трите земји за членство во ЕУ. 

- Посетата на трите земји од Западен Балкан имаше за цел да се пренесе поддршката на Португалија за нивните напори за приближување кон Европската унија, во рамките на политиката на проширување, се вели во соопштението. 

Во друга објава на Икс, Коста наведе дека за време на оваа прва посета на еден португалски премиер на три земји од Западен Балкан, ја споделил поддршката на Португалија за забрзување на патот на регионот кон Европската Унија, врз основа на индивидуалните заслуги на секој кандидат за членство. 

Поддршката на Лисабон за членство на трите земји од регионот доаѓа во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 13 декември во Брисел и во услови кога Унијата многу повеќе е фокусирана на кандидатурата за членство на Украина. 

Средбата на лидерите на Унијата и на земјите од Западниот Балкан ќе се одржи еден ден пред декемврискиот Самит на ЕУ каде една од темите ќе биде и процесот на проширување, вклучително и одлуката за старт на преговори за членство на Украина и Молдавија во блокот. сп/ев/

Фото: Икс

Остани поврзан