Аваја: Со ребалансот се крати буџетот за јавни политики од Стратегијата за Ромите
- СООПШТЕНИЕ: По анализата на Буџетот, со ребалансот се намалуваат и финансиските средства наменети за таргетираните јавни политики од Стратегијата за Ромите.
Скопје, 26 јули 2024
По анализата на Буџетот, со ребалансот се намалуваат и финансиските средства наменети за таргетираните јавни политики од Стратегијата за Ромите.
Се кратат финансиските средства од приоритетните области на вработувањето, социјалната политика и здравството.
Во областа на домувањето и комуналната инфраструктура во ромските маала, каде што условите за живеење се далеку полоши, наместо зголемување на буџетот, средствата сепак остануваат исти.
Недостасуваат финансиски средства во рамки на стратешките планови за инвестиции во образовните квалификации и работната сила кај ромската заедница кои може да доведат до подобрување на социјалната кохезија и економскиот статус за Ромите на долгорочен план.
Како ќе одиме напред? На кој начин може да се намали јазот што постои помеѓу Ромите и мнозинското население ако продолжиме со трендот на кратење таму каде што е најтенко и без соодветни афирмативни политики и инвестиции ?
Не може донаторите (Европската заедница, меѓународните организации и граѓанските организации) да имаат поголеми проекти, буџети и иницијативи од државата. Со ваков предлог за ребаланс на буџетот, односот е 70 / 30, при што 70% од средствата наменети за финансирање и имплементација на проекти од Стратегијата за Ромите доаѓаат од донаторската заедница и граѓанските организации а само 30 % е учеството на државата во спроведување на усвоената Владина Стратегија за инклузија на Ромите. Вистинска промена може да имаме само кога државата се грижи поеднакво за сите свои граѓани.
Аваја како политичка партија, иако нема Ром пратеник во највисокиот законодавен дом, ќе достави предлог до пратеничките групи во Собранието за зголемување на буџетот за таргетираните јавни политики од Стратегијата за инклузија на Ромите.
Воедно, предлагаме Владата да ја корегира оваа состојба и да ги обврзе општините барем 1,% од 250-те милиони наменети за развој, за кои ќе треба да се подготват проекти и апликации, да се наменат и за правење улици и основна инфраструктураи во ромските маала на локалитетите каде што живеат во екстремно лоши услови.
Политичка партија Аваја
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива