Јавен повик за доделување 3.300.000 денари за пензионерите во Центар
- Општина Центар денеска распиша Јавен повик за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани, пензионери во социјален ризик со место на живеење на територија на општината.
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Општина Центар денеска распиша Јавен повик за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани, пензионери во социјален ризик со место на живеење на територија на општината.
Оваа мерка минатата недела ја соопшти градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, а беше донесена на последната 16-та седница на Советот во Општина Центар.
Како што информира Општина Центар, станува збор за доделување еднократна финансиска поддршка со цел да им се помогне на лицата од најранливата категорија граѓани, пензионерите во услови на тешка економска и енергетска криза. Оваа финансиска поддршка Општина Центар ја предвидува за приматели на пензија чиј износ е до 17.518 денари.
-Верувам дека во оваа криза на зголемени цени на прехранбените производи и електричната енергија еднократната финансиска поддршка која ја доделуваме ќе им биде од помош на повозрасните граѓани да подмират дел од трошоците при набавка на прехранбени продукти, подмирување на месечните сметки или набавување на потребната здравствена терапија. Општина Центар повторно успеа да им излезе во пресрет на највозрасните сограѓани кои се најзаслужни за тоа каде сме денес, смета Герасимовски.
Висината на еднократната финансиска поддршка која Општина Центар ја доделува на повозрасните граѓани, пензионери во социјален ризик изнесува 1.500 денари.
Заинтересираните пензионери можат да аплицираат за добивање финансиска поддршка само ако се жители на Општина Центар и имаат пензија во рамки на горенаведениот износ.
За добивање на оваа финансиска поддршка треба да се достави: барање за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциона сметка и доказ од последна примена пензија (за октомври 2022 година). Општина Центар напоменува дека пензионерите кои сакаат да учествуваат во Јавниот повик не се обврзани лично да ги достават потребните документи туку тоа може да го направат и други членови на семејството или блиското опкружување.
Јавниот повик Општина Центар го отвори денеска и ќе трае до седдми декември 2022 година. Барањето за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик е достапно во просториите на Општина Центар-Скопје, Архива на Општина Центар-Скопје (барака 6) и на веб- страницата на Општина Центар-Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=16108.
Поднесените документи ќе бидат разгледувани од Комисија формирана од градоначалникот на Општина Центар-Скопје, Горан Герасимовски. Граѓани кои аплицирале и ги исполниле критериумите, Општина Центар ќе им достави решение за доделување на финансиска поддршка.
Финансиската исплата на трансакциските сметки на пензионерите ќе ја изврши Секторот за финансиски прашања на Општина Центар-Скопје.
Општина Центар ги повикува пензионери што ги исполнуваат условите да аплицираат и да го остварат правото за доделување на финансиска поддршка. мд/дма/