Жителите на село Горно Косоврасти за првпат добија паркинг простор
- Заврши изградбата на паркинг просторот во дебарското село Горно Косоврасти, што е прв ваков инфраструктурен објект во ова село.
Дебар, 20 декември 2024 (МИА) - Заврши изградбата на паркинг просторот во дебарското село Горно Косоврасти, што е прв ваков инфраструктурен објект во ова село.
-Уште едно инфраструктурно ветување реализирано во Горно Косоврасти. Како никогаш досега, паркингот во селото стана реалност и е на располагање на жителите, информираше градоначалникот Хекуран Дука, по посетата на селото.
Како што рече за МИА, паркингот е изграден на земјиште во државна сопственост, опфаќа површина од 270 квадратни метри, а поради конфигурацијата на теренот изграден е висок потпорен ѕид.
- Станува збор за капитална инвестиција, која сега е веќе во служба на жителите на ова живописно село. Инвестицијата изнесува над 7,1 милион денари без ДДВ. Од нив 5,5 милиони се од Бирото за регионален развој додека останатиот дел од општинскиот буџет, додаде Дука.
Оцени дека овој зафат бил неопходен, посебно во летниот период кога во родното место доаѓаат иселениците и фреквенцијата на возила се зголемува.
Селото е петнаесетина километри оддалечено од Дебар, се протега над селото Долно Косоврасти, познато по бањските локалитети, а живеат над илјада жители.
Дука најави дека ќе продолжат со инвестиции и со други проекти во урбаниот и руралниот дел на општината, затоа што жителите заслужуваат да ги имаат сите потребни инфраструктурни и други услови. вт/вј/
Фото: Општина Дебар