• недела, 19 јануари 2025

Форуми за буџетот на Кисела Вода за 2025 година

Форуми за буџетот на Кисела Вода за 2025 година

Скопје, 20 декември 2024 (МИА) - Во големата сала на Општина Кисела Вода вечерва се одржа буџетски форум, организиран со цел креирање на буџетот за 2025 година. Настанот под слоганот „Мојот народ одлучува, буџет 2025“, како што велат од Општината, претставувал можност граѓаните директно да учествуваат во дефинирањето на приоритетите и потребите на локалната заедница.

- Жители на општината, претседатели на месни заедници, секретари и членови на одборите активно дискутираа со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и раководителите на секторите од општинската администрација. Граѓаните предлагаа идеи од различни области, како што се инфраструктура, образование, култура, создавање на паркинг места, и многу други. Сите предлози беа разгледувани од финансиски и технички аспект, при што голем дел од нив беа прифатени за понатамошна реализација, велат од Општината.

Како дел од форумот, присутните пополниле и анкетни листови со цел детално да ги истакнат своите идеи и приоритети.

- Месните заедници, чии претставници сте вие, како форма на делување, отсекогаш биле првиот гласник на проблемите и потребите на граѓаните. Вашето учество овде денес е од исклучителна важност, бидејќи вие сте оние кои први ги дознавате реалните предизвици, но и можностите на секој наш жител, од секоја улица, од секое маало, истакнал градоначалникот Ѓорѓиевски, посочувајќи дека бројни проекти, кои не биле планирани во програмата, се спроведени врз основа на идеите и потребите изразени преку ваквите форуми.

Настанот продолжува утре со нова форумска сесија на која граѓаните ќе учествуваат во одредувањето на приоритетите за буџетот за 2025 година. бак/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан