• вторник, 11 март 2025

Шлапка: За праведен и траен мир во Украина треба да преговара Зеленски во присуство на ЕУ 

Шлапка: За праведен и траен мир во Украина треба да преговара Зеленски во присуство на ЕУ 

Стразбур, 11 март 2025 (МИА) - Европската Унија е посветена да се стави крај на руската агресија врз Украина и да се обезбеди праведен и траен мир, порача денеска полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка во обраќањето во Европскиот парламент на дебатата посветена на зајакнување на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.     

Според Шлапка, за таков праведен и траен мир треба да преговара украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во мировните преговори треба да биде вклучена и ЕУ, чија безбедност исто така е загрозена од конфликтот во Украина. 

Шлапка, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, истакна дека токму овие прашања ќе бидат една од главните теми на следниот редовен Самит на Унијата, закажан за 20 и 21 март во Брисел. 

Тој додаде дека покрај за одбраната и за Украина, на Самитот ќе се разговара и за трите приоритети на ЕУ за 2025 година поврзани со зајакнување на конкурентноста - намалување на бирократијата, обезбедување на поевтина енергија и искористување на заштедите и поттикнување на инвестициите за раст на новите и иновативни компании. 

Во обраќањата во рамки на дебатата, мнозинството европратеници ја потврдија поддршката на Европскиот парламент за зајакнување на безбедност на ЕУ и ги поздравија неодамнешните дискусии на европските лидери посветени на одбраната на Европа.  

Мнозинството европратеници ги поддржаа најновите предлози на Европската комисија за зајакнување на европската одбранбена индустрија, зголемување на контролата на надворешните граници на ЕУ и за продолжување на поддршката на Украина во справувањето со руската агресија. 

Неколкумина европратеници оценија дека Планот „Ревооружување на Европа“, што минатата недела го претстави Европската комисија, претставува значаен чекор кон зајакнувањето на европската одбрана, но ја нагласија и важноста од фокусирање на изработка на долгорочна заедничка одбранбена стратегија на ЕУ, која ќе се занимава со сегашните и идните предизвици.  

Во расправата беше изразена и загриженост поради одлуката на Европската комисија да се повика на членот 122 од Договорот за ЕУ при усвојувањето на Планот „Ревооружување на Европа“, со што ЕП се исклучува од процесот на негово одобрување. 

Членот 122 предвидува дека „Советот, во духот на солидарноста меѓу земјите членки, на предлог од Комисијата може да носи одлуки за мерките соодветни на економската ситуација, особено ако се појават сериозни тешкотии во снабдувањето со одредени производи, особено во областа на енергијата“. Со активирањето на овој член, Европскиот парламент се исклучива од постапката за усвојување на предлогот, туку само „претседателот на Советот ќе го информира за донесената одлука“. 

Пратениците кои изразија загриженост поради ваквиот предлог ја предупредиле Комисијата да не се потпира прекумерно на ваквите вонредни одредби. 

Во дебата беше истакната и потребата од зајакнување на конкурентноста и стратешката автономија на ЕУ и од обезбедување независен пристап до ретките суровини и извори на енергија, а неколкумина европратеници оценија дека зголемените трошоци за одбрана не треба да бидат на сметка на зелените и социјалните транзиции, истражувањето и развојот. 

Повеќемина европратеници ја критикуваа одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „повлекувањето од претходно преземените обврски за одбраната на Украина“ и повикаа на изработка на стратегија на ЕУ заснована на инвестиции и солидарност, а некои, пак, побараа Еврокомисијата, покрај воената помош, и да ги засили и дипломатските напори за поддршка на Украина.  

Претходно пред европратениците во рамките на оваа дебата се обратија и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. сп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан