Украина соопшти дека уништила четири руски воени хеликоптери
- Украинските сили уништија четири руски воени хеликоптери стационирани во близина на украинската граница, соопшти денеска војската.

Киев, 24 март 2025 (МИА) – Украинските сили уништија четири руски воени хеликоптери стационирани во близина на украинската граница, соопшти денеска војската.
Прес-службата на единицата на украинските специјални сили објави снимки за кои вели дека покажуваат како повеќекратен ракетен фрлач HIMARS напаѓа хеликоптери стационирани на аеродром во рускиот пограничен регион Белгород.
Погодени биле два транспортни хеликоптери Ми-8 и два борбени хеликоптери Ка-52, се вели во соопштението.
ДПА нагласува дека извештаите засега не можат да бидат потврдени од независни извори.
Советскиот модел Ми-8 е повеќенаменски хеликоптер кој може да превезува различни стоки или голем број војници. Хеликоптерите Ка-52 се користат за борбени и извидувачки операции.
Четирите уништени летала биле стационирани далеку зад линијата на фронтот во скриена позиција што ја користи руската војска за брзо распоредување на војници и ненадејни напади против Украина, според украинската војска.
- Непријателот уште еднаш помисли дека е недостапен во внатрешноста. Покажавме дека ништо не е недостапно за специјалните сили, се вели во соопштението.
Украина се брани од руска инвазија повеќе од три години, постојано гаѓајќи објекти на руска територија за да го наруши снабдувањето за руските сили. јт/
Фото: МИА архива