Трамп повторно ја доведува во прашање посветеноста на САД кон НАТО
- Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО, нагласувајќи дека САД не треба да им помагаат на земјите кои, според него, не трошат доволно за сопствената одбрана.

Вашингтон, 7 март 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО, нагласувајќи дека САД не треба да им помагаат на земјите кои, според него, не трошат доволно за сопствената одбрана.
„Ако не платат, нема да ги бранам“, изјави американскиот претседател пред новинарите во Белата куќа, додавајќи дека земјите-членки на НАТО „треба да платат повеќе“.
„Мојот најголем проблем со НАТО е тоа што ако САД имаа проблем и ја повикавме Франција или други земји што нема да ги именувам и речеме „имаме проблем“, дали мислите дека ќе дојдат да ни помогнат, како што треба? Не сум сигурен“, рече Трамп.
САД, кои потрошија речиси 3,3 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана во 2024 година, веќе неколку години ја критикуваа слабоста на европските воени трошоци. Трамп во јануари рече дека земјите-членки на НАТО треба да потрошат пет отсто од својот БДП за одбрана. зш/