Русија и Иран го повикаа сириското раководство да преземе дејствија за да се стави крај на судирите
- Руското Министерство за надворешни работи поради наглото влошување на безбедносната ситуација во Сирија денеска го повика раководството во земјата да се обиде да го запре крвопролевањето што е можно поскоро.

Москва, 7 март 2025 (МИА) - Руското Министерство за надворешни работи поради наглото влошување на безбедносната ситуација во Сирија денеска го повика раководството во земјата да се обиде да го запре крвопролевањето што е можно поскоро.
Најмалку 229 лица се убиени во дводневните судири во Сирија, покажуваат најновите податоци на Сирискиот центар за мониторинг на состојбата со човековите права.
Вооружени напаѓачи денеска упаднаа во алавуитски крајбрежен град и убија најмалку дваесетина мажи, соопштија претходно двајца активисти и воен набљудувач.
Москва беше еден од главните поддржувачи на поранешниот сириски претседател Башар Асад, кој беше соборен од власт кон крајот на минатата година.
Руското МНР ги повика сите земји кои имаат влијание во Сирија да помогнат во нормализирање на ситуацијата. Русија има две воени бази во областа каде што избувна насилството.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова објасни дека според извештаите на медиумите, големи борби се водат во провинциите Латакија и Тартус со учество на сириските безбедносни сили и вооружени групи кои себеси се нарекуваат локален отпор, а двете страни известуваат за голем број загинати и ранети.
„Во тешките услови на преодниот период што Сирија моментално го доживува, одржувањето на националната хармонија, зајакнувањето на безбедноста на граѓаните и почитувањето на нивните легитимни права, без разлика на нивната национална или верска припадност, се од огромно значење“, додаде Захарова.
Таа истакна дека Русија ја потврдува својата „принципиелна позиција за поддршка на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Сириската арапска република“.
Иранското Министерство за надворешни работи, во меѓувреме, исто така предупреди дека насилството во Сирија може да предизвика регионална нестабилност, објавија иранските државни медиуми. рп/
Фото: МИА архива