Стармер денеска во Никозија, прва посета на британски премиер на Кипар по 53 години
- Билатералните односи во рамките на стратешкиот дијалог меѓу Република Кипар и Велика Британија, вклучувајќи ги темите за соработка во областа на одбраната и безбедноста, образованието, културата, економијата, трговијата, инвестиции и енергија, како и кипарското прашање се очекува да бидат на агендата разговори на кипарскиот претседател Никос Христодулидис и британскиот премиер Кир Стармер на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 10 декември 2024 (МИА) – Билатералните односи во рамките на стратешкиот дијалог меѓу Република Кипар и Велика Британија, вклучувајќи ги темите за соработка во областа на одбраната и безбедноста, образованието, културата, економијата, трговијата, инвестиции и енергија, како и кипарското прашање се очекува да бидат на агендата разговори на кипарскиот претседател Никос Христодулидис и британскиот премиер Кир Стармер на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.
Стармер е во еднодневна работна посета на Никозија во рамките на неговата турнеја во регионот и е прва билатерална посета на британски премиер на Кипар од 1971 година.
Од кабинетот на кипарскиот претседател соопштија дека „средбата на претседателот Христодулидис со британскиот премиер е уште еден многу важен развој на одличните односи меѓу Кипар и Обединетото Кралство, кои дополнително се зајакнаа и влегоа во нов конструктивен период во рамките на нивната стратешка соработка“.
На средбата, освен за билатералните односи во рамките на стратешкиот дијалог, се очекува Христодулидис и Стармер да разговараат и за кипарското прашање и напорите за рестартирање на преговорите, како и за миграцијата, ситуацијата во Украина, но и односите на Европската унија со Велика Британија.
Средбата во Никозија е нешто помалку од два месеци по средбата на Стармер и Христодулидис во Лондон. ср/