Со 368 милиони евра Албанија ќе ја реконструира железничката пруга Вора-Хан Хоти
- Тој посочи дека во новиот план за раст на Европската Унија, средствата за Западен Балкан се зголемени, додека земјите треба да конкурираат со амбициозни проекти за да добијат инвестиции од Европа, главно во проекти поврзани со европските патни мрежи
Тирана, 7 март 2024 (МИА) - Европската Унија и други финансиски институции ќе го поддржат проектот за реконструкција на пругата Вора (во близина на Тирана) - Хан Хоти (на албанско-црногорската граница), која минува низ северниот дел на Албанија, со околу 368 милиони евра.
-Новиот проект предвидува продолжување на пругата и изградба на 12 нови мостови за да се сместат новите електрични вагони и да се обезбеди максимална брзина до 120 километри на час. Овој инфраструктурен проект уште повеќе ја приближува Европа до Албанија, јави Топ чанел.
-Оваа пруга, во должина од 120 километри, е единствената железничка линија која овозможува меѓународен превоз на стоки и патници меѓу Албанија и Црна Гора. Двете земји се поврзани преку станицата Туз за потоа да продолжат кон Подгорица и другите земји од регионот, Белград, Загреб, Љубљана до Будимпешта, изјави Ерјола Мука, директорка за политика и развој на инфраструктура и територија.
Таа додаде дека на крајот на годинава се очекува да заврши изградбата на железничката пруга Тирана – Драч, со крак на меѓународниот аеродром во Тирана, кој ќе се поврзе со пругата Вора - Хан Хоти.
-Албанската железничка мрежа започнува со Драч, потоа се надополнува со други проекти, кои се очекува да започнат. Покрај овој ќе почне и проектот на железничката линија Драч - Рогожина, која е дел од коридорот 8. Физибилити студијата и проектирањето на остатокот од коридорот 8, Рогожина-Поградец, до границата со Северна Македонија, сè уште е во процес на проучување, вели Мука.
Таа посочи дека во новиот план за раст на Европската Унија, средствата за Западен Балкан се зголемени, додека земјите треба да конкурираат со амбициозни проекти за да добијат инвестиции од Европа, главно во проекти поврзани со европските патни мрежи. вт
Фото: принтскрин