• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска-Кочоска од Брисел: Посветени сме на реформите и на инвестиции што ќе не приближат до ЕУ 

Димитриеска-Кочоска од Брисел: Посветени сме на реформите и на инвестиции што ќе не приближат до ЕУ 

Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) - Владата е силно посветена на спроведување на реформите што се дел од Реформската агенда и кои претставуваат вистински патоказ за побрзо приближување кон ЕУ и за подигнување на стандардот на граѓаните, порача денеска во Брисел министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средби со претставници од Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР). 

- Она што е клучно и на што Владата посветува внимание е спроведувањето на реформите со цел постигнување забрзан економски раст. Покрај Реформската агенда, која заедно е утврдена со ЕК, имаме многу активности предвидени во Програмата за работа 2024-2028 година, а кои ќе носат промени за подобро утре, рече Димитриеска-Кочоска. 

Таа посочи дека еден од најзначајните документи кои ги отсликува политиките што ќе се креираат – Буџетот за 2025 година, е подготвен и доставен во собраниска процедура.  

- Она на што ќе бидеме посветени меѓу другото се реализација на инвестициите затоа што тие носат економски раст, но секако приоритет е и борбата со криминалот и корупцијата, истакна министерката за финансии. 

Димитриеска-Кочоска нагласи дека претстои многу работа во реализација на реформите и при тоа се заблагодари за поддршката што земјата ја добива од ЕУ. Во разговорите на средбите беше нагласено дека напредокот во спроведувањето на реформите, како и зајакнување на капацитетите на администрацијата, ќе отворат можност и за поголем пристап до средства од фондовите на ЕУ и за зголемени инвестиции. 

Димитриеска-Кочоска, вчера во Брисел учествуваше на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ организирана на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“, каде беше еден од говорниците на панелот насловен „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“, а пред тоа имаше средба и со претставници на Европската народна партија (ЕПП). сп/са/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан