• четврток, 25 јули 2024

Советот на ЕУ ги продолжи економските санкции кон Русија за уште шест месеци (ДПЛ) 

Советот на ЕУ ги продолжи економските санкции кон Русија за уште шест месеци (ДПЛ) 

Брисел, 22 јули 2024 (МИА) – Советот на ЕУ денеска ја продолжи важноста на Одлуката за рестриктивните мерки на ЕУ поврзани со континуираните активности на Русија за дестабилизација на Украина, за дополнителни шест месеци до 31 јануари 2025 година. 

Овие санкции првпат беа воведени во 2014 година, по што беа значително проширени во февруари 2022 година како одговор на неиспровоцираната, неоправдана и незаконска воена агресија на Русија врз Украина. 

Овие санкции се состојат од широк спектар на секторски мерки, вклучувајќи ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата и стоките со двојна употреба, индустријата, транспортот и луксузните стоки, како и забрана за увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, исклучување на неколку руски банки од меѓународниот СВИФТ систем и суспензија на активностите и дозволите на медиуми во Европската унија, кои се вклучени во кампањата на Кремљ за ширење дезинформации. Дополнително, со рамката се преведени и конкретните мерки што овозможуваат на ЕУ да се спротивстави со обидите за заобиколување на санкциите. 

- Се додека незаконските активности на Руската Федерација продолжуваат да ја кршат забраната за употреба на сила, што е сериозно прекршување на обврските според меѓународното право, соодветно е да останат во сила сите мерки воведени од ЕУ и да се преземат дополнителни мерки, доколку е потребно, се вели во соопштението на Советот. 

По руската окупација и анексија на Крим и Севастопол, Советот на ЕУ на 31 јули 2014 година усвои Одлука за рестриктивни мерки поврзани со континуираните активности на Русија за дестабилизација на Украина, која 24 февруари 2022 година беше проширена со дополнителни како одговор на руската инвазија врз Украина. Покрај економски санкции, мерките вклучуваат и ограничувања на економските односи со незаконски анектираните Крим и Севастопол и со украинските области Доњецк, Керсон, Луганск и Запорожје, кои се под контрола на руските сили.  

Во своите заклучоци од 27 јуни 2024 година, Европскиот совет ја повтори својата континуирана поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја потврди непоколебливата посветеност на ЕУ за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина.  

Остани поврзан