• понеделник, 16 декември 2024

Нетанјаху се обрати во американскиот Конгрес: Нашата борба е и ваша борба

Нетанјаху се обрати во американскиот Конгрес: Нашата борба е и ваша борба

Вашингтон, 24 јули 2024 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одржа жесток говор во американскиот Конгрес во кој апелираше САД и Израел да застанат рамо до рамо за да се спротивстават на Иран.

Како што пренесува ДПА, Нетанјаху доби овации кога излезе на говорницата за да се обрати на заедничката седница на Конгресот, а пратениците постојано стануваа за да му аплаудираат во текот на речиси едночасовниот говор.

Тој ги опиша САД и Израел дека се на „раскрсницата на историјата“ и оти во ова време на глобален „пресврт“ си требаат еден на друг повеќе од кога било.

- Денес се среќаваме на раскрсницата на историјата. Нашиот свет е во немир. На Блискиот Исток, иранската оска на терор се соочува со Америка, Израел и нашите арапски пријатели. Ова не е судир на цивилизации. Ова е конфликт меѓу варварството и цивилизацијата. Ова е конфликт меѓу оние кои ја слават смртта и оние кои се посветени на животот. За да триумфираат силите на цивилизацијата, Америка и Израел мора да бидат заедно, рече Нетанјаху.

Тој потоа го поздрави американскиот претседател Џо Бајден.

- Му благодарам на претседателот Бајден за неговата срдечна поддршка за Израел. По дивјачкиот напад на 7 октомври, тој со право го нарече Хамас „чисто зло“. Испрати два носачи на авиони на Блискиот Исток за да одврати поширока војна и дојде во Израел да застане со нас за време на нашиот најмрачен час – посета која никогаш нема да биде заборавена, рече израелскиот премиер.

Но, еден од најсилните делови од говорот беше во кој тој се осврна на Иран, коментира ДПА.

- За Иран, Израел е прв, Америка е следна. Значи, кога Израел се бори против Хамас, ние се бориме против Иран. Кога се бориме со Хезболах, се бориме против Иран. Кога се бориме против Хутите, се бориме против Иран. И кога се бориме со Иран, ние се бориме против најрадикалниот и најубиствениот непријател на Соединетите Американски Држави, нагласи Нетанјаху.

- Нашите непријатели се ваши непријатели. Нашата борба е и ваша борба. И нашата победа ќе биде ваша победа, рече израелскиот премиер. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан