Саити: Јавно признание од премиерот за Црвениот крст и волонтерите за справувањето со последиците од пожарот во Кочани
- Соработката меѓу Владата и Црвениот крст потребно е да ја зголемиме на едно повисоко ниво. Дадов збор дека таа активност ќе има мојот персонален, личен фокус во иднина и оти многу скоро во рамките на Владата со ресорните министри ќе организираме состанок, да видиме во што од овие програми кои ги имаат министерствата со главен фокус на Министерството за социјална политика, демографија и млади, можеме заеднички да соработуваме со Црвениот крст, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод 80-годишнината од формирање на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Скопје, 10 јули 2025 (МИА) - Соработката меѓу Владата и Црвениот крст потребно е да ја зголемиме на едно повисоко ниво. Дадов збор дека таа активност ќе го има мојот персонален, личен фокус во иднина и оти многу скоро во рамките на Владата со ресорните министри ќе организираме состанок, да видиме во што од овие програми кои ги имаат министерствата со главен фокус на Министерството за социјална политика, демографија и млади, можеме заеднички да соработуваме со Црвениот крст, изјави премиерот Христијан Мицкоски по настанот по повод 80-годишнината од формирање на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Тој се сретна со генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, по што се заблагодари и посака и понатаму Владата и Црвениот крст уште повеќе да соработуваат.
Премиерот изрази голема благодарност за тоа што го правеше и го прави Црвениот крст за ужасниот трагичен случај во Кочани.
-Можевме да го видиме и ревизорскиот извештај кој е изготвен за средствата кои се акумулирани и делумно се потрошени, останува уште еден мал дел. Направија навистина голема работа. Ние тогаш заеднички ја почнавме таа активност, ги канализиравме сите оние доброчинители кои сакаат да помогнат да ги насочат своите средства во рамките на Црвениот крст и сметката која ја отвори Црвениот крст, и денарската и девизната. Направија навистина одлична работа и затоа сум им благодарен, додаде Мицкоски.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека заклучиле дека досегашната соработка е плодна и почива на едни реални основи кои подразбираат взаемно почитување, уважување и амбиција и дека и натаму ќе бидат партнери во нивното делување.
-Искажавме многу добри можности, прилики, идеи кои треба да ги ставиме во активности во наредниот период и се надевам дека наскоро не очекуваат работни средби во рамки на нашите институции и во рамките на Владата каде би ги договориле тие заеднички активности кои пред се, се насочени во насока на подобрување на животот во нашата држава, на подобрување на услугите кон ранливото население со посебен акцент во подобрување на капацитетите и можностите на нашиот систем за одговор на предизвиците кои во секојдневието ги нарекуваме катастрофи кои ги предизвикува човекот и природата, рече Саити.
Тој посочи дека овие денови се обидуваат заеднички сето тоа да го направат и заклучиле дека во наредниот период постојат дополнителни можности каде со дополнителни нивни напори и реорганизации би можеле да го зголемат ефектот на делувањето на терен со посебен акцент, што е за нив многу битно, да го зголемат хуманитарниот ефект во општеството со цел да можат да прифатат и да стигнат до што е можно повеќе корисници во државава.
Нагласи дека од премиерот Мицкоски добиле јавно признание, пред се, на нивните волонтери за досегашната вклученост и напорите кои ги дале заедно за да се справат со последиците од пожарот во Кочани.
-Тоа многу им значи на луѓето во Црвениот крст, се работи за една категорија, структура, која не е платена во најголем дел, која одвојува од своето слободно време и ваквите моменти на истакнување и давање на јавна благодарност им значат како мотив за натамошна соработка. Се надевам дека заедно ќе можеме во една тесна соработка да создадеме дополнителни можности кои ќе ги ставиме во функција на подобрување на животот на луѓето и подобрување на амбиентот за живеење во нашата убава држава, додаде Саити. рп/вг/
Фото: МИА