Концерт на „No Borders Orchestra“ во Македонска филхармонија
- Програмата во Скопје ќе вклучува дела од Шенберг, Штраус и Малер, како и четири композиции на млади регионални композитори: Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија) и македонската композиторка Дарија Андовска.
Скопје, 5 септември 2025 (МИА) - Македонската филхармонија ќе биде домаќин на премиерниот концерт на „No Borders Orchestra“ (НБО), ансамбл составен од музичари од поранешните југословенски републики, кој ќе настапи денеска во Камерната сала, со почеток во 20 часот.
Програмата ќе вклучува дела од Шенберг, Штраус и Малер, како и четири композиции на млади регионални композитори: Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија) и македонската композиторка Дарија Андовска.
Концертот е дел од регионалната турнеја „Turning Point“, преку која НБО пренесува порака за единство, мир и заедништво преку моќта на музиката.
Ансамблот, кој веќе една деценија ги надминува етничките, религиозните и националните разлики, е добитник на престижната награда „Шампион на регионална соработка“ и има издание под етикетата Deutsche Grammophon – најреномираниот музички издавач во светот. ар/бак/
Фото: NBO