• петок, 08 ноември 2024

САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа

САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа

Њујорк, 9 декември 2023 (МИА) - САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас во Газа.

Тринаесет членки на Советот за безбедност ја поддржаа нацрт-резолуцијата поднесена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека Велика Британија се воздржа од гласањето. Гласањето доаѓа откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во средата го предупреди Советот за безбедност на глобалната закана од двомесечната војна во Газа.

-Која е пораката што им ја испраќаме на Палестинците ако не можеме да се обединиме зад повикот за привремено запирање на масовното бомбардирање на Газа?, рече заменикот постојан претставник на ОАЕ во ОН, Мохамед Абушахаб.

Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН Роберт Вуд истакна дека нацрт-резолуцијата е одвоена од реалноста и „нема да промени ништо на теренот“. -Затоа, иако САД силно го поддржуваат воспоставувањето траен мир во кој Израелците и Палестинците ќе можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот, додаде американскиот дипломат.

-Нашите американски колеги буквално пред наши очи потпишаа смртни налози за илјадници, ако не и десетици илјади повеќе цивили во Палестина и Израел, вклучувајќи жени и деца, како и претставници на ОН кои се обидуваат да им помогнат. Историјата ќе покаже проценка на овие дејствија од Вашингтон, изјави заменик постојаниот претставник на Русија во ОН Дмитриј Полјански.

САД и Израел се противат на прекин на огнот затоа што веруваат дека тоа само ќе му користи на Хамас. Наместо тоа, Вашингтон повикува на пауза во непријателствата за да се заштитат цивилите и да се дозволи ослободување на заложниците земени од Хамас. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан