• вторник, 20 август 2024

Русија отфрла мировни преговори додека Зеленски вели дека операцијата во Курск е успешна

Русија отфрла мировни преговори додека Зеленски вели дека операцијата во Курск е успешна

Москва, 19 август 2024 (МИА) – Кремљ денеска ја отфрли можноста за мировни преговори со Украина поради ненадејната офанзива на Киев на руска територија, за која украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ги исполнува нејзините цели.

Украина испрати војници преку границата на 6 август и оттогаш држи дел од западниот регион Курск, што е најголемиот напад на руска територија од инвазијата на Москва во февруари 2022 година.

Според официјален Киев, офанзивата е насочена кон „растегнување на руските сили, создавање тампон зона и доближување на конфликтот до крајот под фер услови“.

Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, денеска рече дека Москва сега не е подготвена за мировни преговори.

- Во сегашната фаза, со оглед на оваа ескапада, нема да разговараме, истакна тој.

Според него, влегувањето во преговарачки процес сега е „целосно несоодветно“ и додаде дека идните разговори „зависат од ситуацијата на бојното поле, вклучително и во регионот Курск“.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руските војници зазеле една од најголемите населени места на периферијата на градот Торецк – градот Залижное (на руски, Артјомово) во Доњецката област.

Во исто време, украинските власти денеска издадоа наредба за задолжителна евакуација на семејствата со деца од градот Покровск, каде се уште живеат 53.000 луѓе.

Жителите на Покровск имаат една или две недели да се евакуираат бидејќи руските сили се приближуваат кон градот во Доњецката област, изјави денеска шефот на администрацијата Серхи Добриак за Радио Слободна Европа.

Во меѓувреме, Зеленски рече дека неговите војници во Курск, кои воспоставија административни канцеларии и објавија снимки од украински војници кои патролираат по руските улици, ги исполнуваат своите цели.

- Ги постигнуваме нашите цели. Утрово имаме уште едно надополнување на фондот за размена (на воени заробеници) за нашата земја, рече Зеленски алудирајќи на тоа дека се заробени повеќе руски војници.

Зеленски вчера рече навлегувањето на руска територија е со цел да се создаде „тампон зона“. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан