• петок, 21 март 2025

Реакција на Општина Маврово и Ростуше по приведувањето на раководителот на Секторот за урбанизам за поткуп

Реакција на Општина Маврово и Ростуше по приведувањето на раководителот на Секторот за урбанизам за поткуп

Дебар, 20 март 2025 ( МИА) - Општина Маврово и Ростуше реагираше по вчерашниот случајот на апсење на раководителот на Секторот за урбанизам С.Е. за примање поткуп.

- Вчудовидени и изненадени сме од информацијата која беше објавена во медиумите во врска со побаран и примен поткуп од страна на Раководителот на одделението за урбанизам при општината. Како локална самоуправа најостро осудуваме било каква форма на коруптивно однесување и бараме од надлежните органи што побрзо да го расчистат случајот, стои во реакцијата.

Се додава дека локалната самоуправа со досегашното работење многупати докажала дека стои на страната на жителите на општината, односно „секогаш сме се стремеле кон подобрување на општинските услуги, како и подобрување на условите за живот во општината преку реализација на крупни капитални проекти“.

- Токму поради тоа ваквите индивидуални чинови на дејствување не ги поддржуваме и не сакаме било каков сомнеж за корупција да остане нерасчистен и целосно стоиме на располагање пред надлежните органи одговорни за расчистување на случајот, посочуваат од Општината.

Полицијата вчера го приведе раководителот на Одделението на урбанизам и комунални дејности при Општина Маврово Ростуше, фатен како зема мито.

- Денеска (19.03.2025), полициски службеници го лишиле од слобода С.Е., раководител на Одделението на урбанизам и комунални дејности при општина Маврово Ростуше. Тој бил фатен во угостителски објект во Скопје при примање поткуп. Имено, тој побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати. Лицето е лишено од слобода при исплата на парите од првата рата во објектот во Скопје, откако биле претходно криминалистичко - технички обработени. Исто така, бил извршен претрес на лицето и службеното возило и биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа синоќа од МВР за МИА.

Премиерот Христијан Мицкоски синоќа во телевизиско гостување рече дека раководителот бил фатен во земање мито за документи од странка.

-Ние сите деновиве тажиме, а тој мртов ладен се договара за 13 илјади евра, ги зема и никому ништо, рече Мицкоски, алудирајќи колку длабоко и насекаде е навлезена корупцијата во земјава. вт/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан