Сочувство од СМИР за настраданите во трагедијата во Кочани
- Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР) Латиф Пајкоски од свое и од име на Сојузот изрази искрено и длабоко сочувство за трагично изгубените млади животи во Кочани, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.

Дебар, 20 март 2025 (МИА) - Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР) Латиф Пајкоски од свое и од име на Сојузот изрази искрено и длабоко сочувство за трагично изгубените млади животи во Кочани, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.
-Нема човек кој овие денови нема скршено срце и голема болка во душата, без разлика на националната и верска припадност. Обврска имаме кон изгубените млади животи и нивните ожалостени семејства, барем овие денови да покажеме сплотеност, кроткост и толеранција, стои во објавата.
Се порачува „нека различната верска и национална припадност не обединува, затоа што нашите верски припадности од нас тоа го бараат“.
-Почитта кон настраданите, нас во Жировница длабоко не трогна. Однапред закажаната ифтарска вечер, на која нема ниту музика, ниту веселби, ја одложивме затоа што така сакаа жителите, иако сите се припадници на исламската религија. Зборовите во песната на Бениса Зеќири (деветтоодделенка од Жировница која напиша проза за трагедијата) се зборови од невино дете искажани кон жртвите од оваа трагедија и сето ова нека биде пример како треба да се обединиме, нека различната верска и етничка припадност биде наша предност, а не хендикеп, додава Пајкоски.
Нагласува дека „надлежните во државата треба да се остават да си ја завршат оваа тешка работа, зашто се друго уште повеќе би не поделило“. вт/мд/
Фото: МИА архива и СМИР