• сабота, 22 февруари 2025

„Рамо до рамо“: Мешаните тимови – клучот за бизнис успехот

„Рамо до рамо“: Мешаните тимови – клучот за бизнис успехот

21 февруари 2025

Вчера се одржа настанот „Рамо до рамо“, организиран од Алијансата за родова еднаквост на работното место и Халкбанк. Настанот ги обедини претставниците од приватниот и невладиниот сектор, со цел да поттикне меѓусебна размена на искуства за создавање работни средини што се не само успешни, туку и праведни, инклузивни и иновативни. Компаниите кои вложуваат во мешани тимови создаваат подобра работна динамика, носат поквалитетни одлуки и постигнуваат одржлив успех. Различните перспективи носат нови идеи и креираат продуктивна работна средина, што води до подобра корпоративна култура и поголема конкурентност на пазарот.

Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) активно работи на промовирање на практики и компании каде што жените и мажите имаат еднакви можности за напредок, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот. Преку своите иницијативи, GEA поттикнува инклузивна култура што ја гледа различноста како двигател на успехот. Како дел од глобалната иницијатива на UN Women за исполнување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова еднаквост, GEA придонесува за градење поправедно и просперитетно општество.

„Нашата мисија е јасна: да ја намалиме родовата нееднаквост на работното место и да се осигураме дека талентот, амбицијата и посветеноста—а не полот—ги дефинираат можностите и успехот. Преку соработка со приватниот и невладиниот сектор, но и со медиумите, се стремиме еднаквоста да не биде само идеал, туку стандард во секоја индустрија.“ – изјави раководителката на GEA, Марија Ристовска.

Како дел од соработката помеѓу Алијансата за родова еднаквост и главниот партнер Халкбанк, беше креирана инспиративна видео кампања која ја нагласува моќта на родовата еднаквост во работните средини. Видеото ја раскажува приказната на Марија и Кире Крстевски, ко-сопственици на компаниите Bebe Home и CosLoveMetics, кои споделуваат како нивната заедничка работа, довербата и различните пристапи придонесуваат кон нивниот заеднички успех.

 

„Истражувањата покажуваат дека родово балансираните тимови се поуспешни, поотпорни и поиновативни, бидејќи различните перспективи носат свежи идеи, носат подобри одлуки и создаваат подобра работна средина. Алијансата за родова еднаквост (GEA) активно работи на унапредување на родовата еднаквост на работното место, поттикнувајќи позитивни промени кај компаниите. Халкбанк ја препознава и поддржува оваа мисија, активно промовирајќи еднаква застапеност и инклузивност како клучни фактори за одржлив успех. Преку оваа кампања, ја истакнуваме важноста на активната вклученост на жените во сите деловни процеси како еден од клучните фактори за успех.“ – изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA.

Халкбанк постојано ја поддржува родовата еднаквост и иновациите и ја нагласува важноста на мешаните тимови во развојот на локалната економија. Со комбинирање на различни вештини, искуства и перспективи, компаниите можат полесно да ги надминат предизвиците и да создадат поконкурентни стратегии за раст.

“Халкбанк како институција во своето работење проактивно имплементира политики и иницијативи за родовата еднаквост, промовирајќи еднакви можности и права за сите поединци, без разлика на полот. Од минатата година преку партнерството со GEA и нашите заеднички иницијативи, активно работиме и на промоција на родовата еднаквост пред пошироката јавност. Токму со оваа заедничка кампања,  успеавме на најдобар начин, преку конкретни примери да ги доловиме успесите и резултатите кои произлегуваат од управувањето и функционирањето “Рамо до Рамо”. – изјави Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место е поддржана од Халкбанк, Eurolink и Casys како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, а Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Публицис Груп како поддржувачи. Алијансата е отворена за сите компании и организации кои сакаат да се вклучат и да придонесат кон поголема родова еднаквост и инклузивност на работното место.

 Повеќе информации за GEA: https://genderequalityalliance.org/

Алијанса за родова еднаквост

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан