• недела, 29 декември 2024

Путин изразил сочувство и му се извини на Алиев за падот на азербејџанскиот авион кај Актау, соопшти Кремљ

Путин изразил сочувство и му се извини на Алиев за падот на азербејџанскиот авион кај Актау, соопшти Кремљ

Mосква, 28 декември 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал за падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев, соопшти прес-службата на Кремљ.

„Детално беа разгледани прашањата поврзани со падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс на 25 декември во близина на градот Актау во Казахстан“, се вели во соопштението на прес-службата.

Телефонскиот разговор меѓу лидерите на Русија и Азербејџан се одржа на иницијатива на руската страна.

„Владимир Путин се извини за трагичниот инцидент што се случи во рускиот воздушен простор и уште еднаш изрази длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите и им посака брзо закрепнување на повредените“, соопшти Кремљ.

Прес-службата соопшти дека припадници од Истражниот комитет и од Канцеларијата на јавниот обвинител на Руската Федерација работат со нивните колеги од Азербејџан на истрагата за авионската несреќа кај Актау, двајца од азербејџанска страна се во Грозни.

Во разговорот меѓу Путин и Илхам Алиев е забележано дека азербејџанскиот авион се обидел да слета во Грозни за време на украински напад со дронови на кој одвратила руската ПВО.

„Во разговорот е забележано дека азербејџанскиот патнички авион, што извршувал јасно планиран лет, повеќепати се обидувал да слета на аеродромот во Грозни. Во исто време, Грозни, Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската противвоздушна одбрана ги одби тие напади“, се вели во соопштението на Кремљ.

Прес-службата на азербејџанскиот претседател соопшти дека за време на разговорот меѓу двајцата лидери, Алиев посочил дека на иницијатива на Баку е формирана меѓународна експертска група за учество во истрагата за причините за авионската несреќа. зш/

Остани поврзан