• понеделник, 19 август 2024

Продолжува протестот на индиските лекарите

Продолжува протестот на индиските лекарите

Њу Делхи, 18 август 2024 (МИА) – И покрај тоа што заврши 24-часовниот штрајк на лекарите во Индија поради силувањето и убиството на нивна колешка, некои доктори не се вратија на работното место.

Веќе трет ден, повеќе од 6.000 лекари приправници во државните болници во Гуџарат работат само на итни случаи.

- Едногласно одлучивме да го продолжиме протестот за да инсистираме на нашите барања. Доколку владата не преземе никакви строги мерки за заштита на лекарите, ќе одлучиме за следниот начин на дејствување … и овој пат би можеле да ја запреме работата на службите за итни случаи, изјави претседателот на Здружението на млади лекари во Ахмедабад, д-р Давал Гамети.

Форумот за заедничко дејствување на жителите на Индија и младите лекари вчера соопшти дека ќе штрајкуваат со 72 часа, за властите да спроведат темелна истрага и да извршат апсење.

Откако на 9 август во Калкута беше силувана и убиена 31-годишна специјализантка, лекарите ширум Индија минатата недела протестираа, маршираа и одбиваа да примат пациенти освен во итни случаи. Полицијата уапси маж кој работел во истата болница како и жртвата. Тој им пружал помош на пациентите во чекалните.

Индиското медицинско здружение побара од премиерот Нарендра Моди да интервенира за болничкиот персонал да биде заштитен со безбедносни протоколи слични на аеродромот, бидејќи 60 отсто од лекарите во Индија се жени.

По групното силување и убиство на 23-годишна студентка во автобус во Њу Делхи стапија во сила построги закони, но според активистите малку се променило и оти не е доволно направено за да се спречи насилството врз жените. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан