• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на Реал на ручек со Мбапе и Макрон

Претседателот на Реал на ручек со Мбапе и Макрон

Париз, 21 мај 2024 (МИА) - Кога мајката на Килијан Мбапе вчера изјави „добро знаете каде ќе игра Килијан“, а медиумите најавија дека на 1 јуни се чека крајот на финалето на Лигата на шампионите за официјално да се потврди дека еден од најталентираните напаѓачки пристигнува во Реал Мадрид, малкумина очекуваа дека денеска претседателот на „кралскиот“ клуб Флорентино Перез ќе се сретне со играчот на ПСЖ, како и со претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Перез допатува во Париз како гостин на ФИФА, која организираше свечен ручек по повод 120-годишнината. А, домаќин на ручекот беше никој друг туку претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Елисеј, а еден од гостите беше и Килијан Мбапе. Според „Марка“, Макрон ќе се обиде да влијае на Перез да го отстрани указот испратен од Мадрид до ФИФА, во кој се вели дека Реал „нема да дозволи нивни играчи да играат на Олимписките игри“.

Макрон сака Мбапе да ја претставува Франција на олимпискиот турнир, но не само тој, туку и останатите „галски петли“ од Реал - Орелиан Чуамени, Едуардо Камавинга, Ферлан Менди. Мадриѓаните се водеа од јасниот факт дека по финалето на Лигата на шампионите на УЕФА, повеќето играчи веднаш ќе одат во своите репрезентации за да се подготват за ЕВРО, како и за Копа Америка. Олимписките игри во Париз ќе бидат од 24 јули до 9 август, што значи дека дел од нив ќе ги прескокнат комплетните подготовки за клубот. Колку Макрон ќе успее да влијае на Перез, останува да видиме.

Предводникот на Реал ќе има средба и со колегите од Пари Сен Жермен, а тема ќе биде Мбапе. „Кралевите“ ќе мора да побараат дозвола од парижаните да го презентираат новиот играч пред почетокот на ЕП 2024, а доколку не дозволат, ќе треба да почекаат до 1 јули. дс

Фото: Архива

Остани поврзан