• среда, 18 февруари 2026

„Пламенка“ од Петре Димовски премиерно на сцената на битолскиот театар

„Пламенка“ од Петре Димовски премиерно на сцената на битолскиот театар

Битола, 17 февруари 2026 (МИА) - Националните установ Народен театар и Центар за култура-Битола и Интимен театар Битола денеска на прес конференција го промовираа заедничкиот проект, претставата „Пламенка“ работена според истоимениот роман на Петре Димовски во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Во изјава за медиумите, директорот на битолскиот театар Васко Мавровски истакна дека со овој проект продолжува политиката на менаџментот за давање предност на македонските автори.

-Акцентот во нашата работа е на македонските автори, на македонската драматургија и на македонските кративци и театарски работници. Минатата сезона почнавме со праизведба на претставата „Жиголо“, а оваа година ја почнуваме со праизведба на романот на Петре Димовски „Пламенка“. Тоа зборува дека сме доследни на тоа што го ветивме, посочи Мавровски.

Режисер на претставата е Софија Ристевска Петрушева и ја подготви во соработка со драматургот Билјана Крајчевска.

-Јас сум режисер на современото, но за мене беше важно да ги проследиме и нашите корени затоа што тука во овој роман се зборува за жената, а жената во моето творештво, во мојот живот и во мојата политичка кариера е многу важна. Присуството на жената, општествено полиитичките ситуации во кои жената се бори и други состојби се многу важни, и тие се искажани преку една жена како што е Пламенка, нагласи режисерката Ристевска Петрушева.

Во претставата „Пламенка“ ќе настапат актерките Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Викторија Степановска и за прв пат на театарската сцена, младата актерка Вероника Ефтимова, но и актерите Валентин Дамчевски и Давид Балтовски.

-На сцената нудиме специфичен уметнички израз во претставата која не е класична театарска постановка туку комбинација на поезија, актерска игра, музика и голема емоција која верувам дека никого нема да остави рамнодушен. Пламенка е еден потсетник дека жената е стожер, дека мајката, македонската жена е столб за работите да бидат цврсти, истакна актерката Андоновска Илијевски.

Во копридукцискиот театарски проект „Пламенка“ учествуваат и членови на КУД „Илинден“ чии сценски движења и кореографија ги подготви Љупка Стефановска, авторските видеа, фотографии и дизајн на плакат се на Сашо Илковски Сачма, композитор е Александар Талевски, а видео оператор Владимир Переловски.мт/са/

Фото: МИА

Остани поврзан