• среда, 18 февруари 2026

„Глумците пеат“ на 24 и 25 март во Македонскиот народен театар

„Глумците пеат“ на 24 и 25 март во Македонскиот народен театар

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Во пресрет на Светскиот ден на театарот - 27 Март, на 24 и 25 март од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржува манифестацијата „Глумците пеат“. Режисер е Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под водство на диригентот Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореограф е Олга Панго, костимограф - Марија Пупучевска.

Како што најавија организаторите, годинава шоуто е посветено на македонската музика од разни периоди – песни што публиката ги знае, но ќе ги слушне во нова актерска интерпретација. Покрај соло изведби, на сцената ќе има и повеќе дуети и групни точки што носат поинаква динамика и сценска енергија.

-На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации, меѓу нив и нови имиња, кои првпат ќе бидат дел од проектот, но и добро познатите што и досега ја креваа публиката на нозе. „Глумците пеат“ не е претстава, ниту концерт, туку спој на театар и музика што им овозможува на глумците барем една вечер да бидат поинакви од она што вообичаено го работат на сцените. Имаме многу талентирани уметници кои со голема посветеност ги подготвуваат своите точки и одвај чекаат да ги споделат со публиката, велат организаторите.

Додаваат дека проектот продолжува како наследство на Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го создаде шоуто, а подоцна беше возобновен од неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Влезниците за двате изведби (24 и 25 март) се во продажба преку платформата MkTickets.mk  хс/нд/

Фото: „Глумците пеат“ / Стефан Рајхл 

 

Остани поврзан