• сабота, 14 февруари 2026

После шеесетина години во ЦК „Бели мугри“ инсталирана комплетно нова кино опрема

После шеесетина години во ЦК „Бели мугри“ инсталирана комплетно нова кино опрема

Кочани, 14 февруари 2026  (МИА) - Во Центарот за култура „ Бели мугри“ во Кочани неделава инсталирана е комплетно нова, современа и мобилна кино- опрема од реномирани производители од САД, Јапонија и Австрија во вредност од 1 2000 000 денари, набавена преку донација од Агенцијата за електронска комуникација.

Ваквото подновување во кочанската Национална установа со ново платно, ласерски проектор, миксета, озвучување се прави после повеќе децени. Платното и кино проекторот што се користеа досега датираат од шеесетите години на минатиот век.

-По спроведената јавна набавка и склучениот договор со Трговското друштво за производство, трговија и услуги „ВИСИОН“ ДООЕЛ Скопје, се изврши инсталирањето на новата современа ласерска опрема и новото филмско платно. Во наредните денови ќе следува тест на функционалноста на опремата и обука за ракување со новата техника, соопштуваат од ЦК „Бели мугри“.

Истовремено, во тек се и подготовките околу креирање на редовен филмски репертоар, со цел кочанската публика да има разновиден избор и по вкус на сите возрасни категории.

-Се надеваме дека со осовременување на опремата и подобрувањљето на условите во салата, повозрасната публика ќе се врати, а помладата публика ќе ја почувствува магијата на големото филмско платно во кино сала и ќе стекне нови културни навики, вели Габриела Стефановска, в.д. директор на ЦК „Бели мугри“.

Од установата најавуваат дека навремено ќе ја информираат јавноста за терминот на првата филмска проекција и за редовен репертоар на проекции во наредниот период. ис/аа/

фото: МИА

 

Остани поврзан