• среда, 18 февруари 2026

Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски

Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски, во соорганизација со ИМЛ, ДПМ и Македонскиот ПЕН-центар, ќе се одржи денеска со почеток од 12 часот во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Како што информираа од Деканатот на Филолошкиот факултет, за наставната, научната, творечката и преведувачката дејност на Сталев Поповски ќе говорат проф. д-р  Венко Андоновски, проф. д-р Зоран Анчевски, проф.  д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Трајче Стамески.

Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште - 2025, Скопје) е поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности, потсетија од Факултетот.

Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956).

Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983). Георги Сталев Поповски е добитник на престижни награди и признанија: државните награди за животно дело, „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“; наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика - двапати; „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени/МЕС-Сараево (1972); Медал од Фондот на Лермонтов (Москва); награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновиќ“.

Автор е на пет поетски книги, уште толку драмски текста, два романа, една книга - раскази, многу препеви, преводи и критички есеи.

- Неговиот вроден усет за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања ќе го насочат Георги Сталев и кон пишување либрета за опери, па дури и кон компонирање музика за детски претстави. Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, посочуваат од Филолошкиот факултет. бд/са/

Фото: Деканат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Остани поврзан