12 октомври 2024 (МИА)
1492.- Прочуениот италијански морепловец Кристофер Колумбо (1451-1506 г.), во служба на Шпанија, по двомесечно пловење, пристигнал на бахамскиот остров Гуанахани, откривајќи ја на тој начин Америка. Колумбо на овој пат тргнал со три бродови: "Санта Марија", "Ниња" и "Пинта". Во текот на патувањето ги открил Куба и Хаити, каде што оставил дел од своите луѓе и се вратил во Шпанија. Подоцна, уште неколкупати одел на слични патувања.
1518.- Германскиот верски реформатор Мартин Лутер го одбил барањето од римската курија да се покае и одрече од своите уверувања.
1811.- Парагвај прогласил независност од Шпанија и Аргентина.
1822.- Бразил добил независност. Дотогаш оваа земја била португалска колонија.
1870.- Умрел најпознатиот американски војсководец, генралот Роберт Едвард Ли, командант на армијата на Северна Вирџинија во Граѓанската војна во САД од 1861 до 1865 година. Соочен со неспоредливо надмоќната армија на Северот, на 9 април 1865 година капитулирал.
1934.- Малолетниот Петар II Караѓорѓевиќ бил прогласен за крал на Југославија, три дена откако неговиот татко Александар I Караѓорѓевиќ, во атентатот што го извршил македонскиот терорист Владо Черноземски, бил убиен во Марсеј.
1942.- Во битката на пацифичкиот остров Гвадалканал во Втората светска војна Американците ги поразиле Јапонците и го спречиле нивното навлегување во Австралија.
1960.- Во Генералното собрание на Обединетите нации, во текот на дебатата за колонијализмот, советскиот лидер Никита Сергеевич Хрушчов го соблекол чевелот и со него треснал неколку пати на масата.
1962.– Во Сараево, СР Босна и Херцеговина е роден Бранко Црвенковски, поранешен претседател на Република Македонија, премиер на Владата на Република Македонија и долгогодишен лидер на СДСМ. Во 1963 година неговото семејство се вратило да живее во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1985 година дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Политичката кариера на Бранко Црвенковски започнала во 1990 година кога станал член на Претседателството на СДСМ. Во 1990 година, на првите повеќепартиски избори во Македонија, бил избран за пратеник во првиот состав на Собранието. Во април 1991 година бил избран за претседател на СДСМ. На 5 септември 1992-та станал вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија. Со 29 години, тој бил најмладиот премиер во Европа во тој период. Вториот премиерски мандат го добил по изборите во декември во 1994 година. По поразот на парламентарните избори во 1998 година, од 1998 до 2002 година, бил лидер на опозицијата во македонското собрание. Поради започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучил кон Владата на политичко единство, која била формирана со цел да запре кризата во земјата. Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и со лидерите на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор од Охрид. На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освоил власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“ и во 2002 година повторно застанал на премиерската позиција. На третите вонредни претседателски избори во Република Македонија, во 2004 година, Бранко Црвенковски бил избран за претседател на државата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија станала земја-кандидат за прием во Европската унија. На функцијата Претседател на Македонија се задржал до 12 мај 2009 година. На 24 мај 2009 г. повторно застанал на чело на Социјалдемократскиот Сојуз, а по јунскиот конгрес на СДСМ (2013), претседателското место во СДСМ му го отстапил на Зоран Заев.
1964.- Советскиот Сојуз го лансирал вселенскиот брод „Восток-1“ со пилотот Владимир Комаров, со научникот Константин Феоктисов и со лекарот Борис Јегоров.
1968.- По 190 години шпанска колонијална управа, африканската држава Екваторијална Гвинеја се здобила со независност.
1969.- Советскиот Сојуз го лансирал вселенскиот брод „Сојуз-7“ со екипаж од три члена, кои се сретнале со двајцата членови на екипажот на претходно лансираниот брод „Сојуз-6“.
1976.- Кинескиот премиер Хуа Гуофенг станал шеф на владејачката Комунистичка партија.
1984.- Во експлозија на бомба подметната од терористи на Ирската републиканска армија во „Гранд хотел“ во англискиот град Брајтон, каде се одржувала годишната конференција на британските конзервативци, загинале пет лица.
1990.- Исламски терористи на мотоцикли во Каиро од заседа ги убиле претседателот на египетскиот парламент Рифат Махџуба и тројцата негови телохранители.
1992.- Во земјотрес во Каиро загинале повеќе од 550 луѓе. Епицентарот на земјотресот бил во близина на пирамидите во Гиза.
1993.- Кралството Белгија ја признало Република Македонија.
1993.- Народна Република Кина ја признала Република Македонија.
1995.- На состанокот на Постојаниот комитет на ОБСЕ во Виена, Република Македонија преминала во редовно членство во Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
1997.- Во Скопје умрел д-р Нијази Лимановски, доцент на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, основоположник на Културно-научните манифестации на Македонците муслимани и претседател на Здружението на етнолозите на Македонија. Роден бил во селото Ростуше, на 27 јуни 1941 година.
1999.- Генералот Первез Мушараф со воен удар ја соборил владата на премиерот Наваз Шариф, го распуштил Парламентот и вовел вонредна состојба.
2000.- Исламски терористи во јеменското пристаниште Аден со мал брод наполнет со експлозiв удриле во американскиот разорувач „Кол“ усмртувајќи 17 и ранувајќи повеќе од 10 американски морнари.
2002.- Во експлозија на две подметнати бомби во летовалиштето „Кута бич“ на индонезискиот остров Бали загинале 202 лица од 21 земја, а повредени биле повеќе од 300. Повеќето од жртвите на терористичкиот напад биле туристи, главно од Австралија, Велика Британија, САД, Франција, Германија и од Шведска.
2012.- Европската унија станала добитник на Нобеловата награда за мир. Во образложението на Нобеловиот комитет се нагласува дека на ЕУ и се доделува Нобеловата награда за мир за 2012 година, поради заслугите за обединувањето на европскиот континент. Одлуката за доделување на Нобеловата награда за мир на ЕУ била донесена едногласно од страна на членовите на Комитетот, со кој претседавал генералниот секретар на Советот на Европа, Турбјорн Јагланд.
###