МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
3 февруари 2025
Скопје - Работодавачите, синдикатите и Владата денеска треба да седнат на заедничка маса за да разговараат за зголемувањето на минималната плата која во моментот изнесува 22.567 денари. Според најавите, денеска треба да се одржи седницата на Економско-социјалниот совет на која ќе се разгледаат можностите за нејзино зголемување што како барање го поставија синдикатите според кои има реална потреба од вакво нешто.
Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 450 евра, а дел од бизнис секторот се изјасни дека ќе го прифати ваквиот предлог, но да се намалат придонесите. Од Владата велат дека ќе остават да се договорат синдикатите и работодавачите.
Скопје - „Патеки до интегритет и независност на правосудството: клучен предизвик во реформите за владеење на правото и борбата против корупцијата“ е тема на 16. сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во организација на Европското движење, чи домаќин денеска во Скопје е Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.
Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, ќе има воведно обраќање во темата, додека покрај националните експерти од областа на правосудството, судии, обвинители, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор, релевантни за оваа тема, на сесијата ќе се обратат претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Александар Камбовски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковска Стрезовски и Хелена Папа, француска експертка за транспарентност, финансиски криминал и перење пари од француската меѓународна техничка кооперативна агенција Експертиза Франција.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе учествува на Самит на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, што се одржува денеска и утре во Будимпешта.
Јаневска ќе се обрати на две панел дискусии посветени на важноста и можностите за продлабочување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан во областа на образованието и иновациите, како и зајакнување на релациите помеѓу регионот и Унгарија, најави Министерството за обарзование и наука.
Министерката ќе се сретне и со раководството на унгарскиот одбор за акредитација на високото образование, а ќе го посети и Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ.
Гостивар - Трет консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа ќе се одржи денеска во Младински ресурсен центар (Youth and Community Center) во Гостивар.
Настанот ќе го отвори министерот за локална самоуправа, Златко Перински, а меѓу учесниците ќе бидат дел од експертскиот тим кој е вклучен во процесот, проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети.
На настанот, како што се наведува во соопштението на Министерството за локална самоуправа, ќе присуствуваат и в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, градоначалници од Полошкиот плански регион, претставници од УНДП, како и претставници од невладини организации.
Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на докази предложени од Обвинителството.
Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на рочиштето закажано за 27 јануари, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага, со што рочиштето беше одложено за денеска.
Белград - Адвокатите во Србија од денеска стапуваат во еденмесечен прекин на работата, што ќе трае до 4 март, одлучи Адвокатската комора на Србија (АКС) на вонредно собрание.
Секретарот на комората, Немања Јоловиќ. потврди дека Адвокатската комора на Србија (АКС) на своето вонредно собрание го усвои предлогот за едномесечен прекин на работата, почнувајќи.од 3 февруари.
Адвокатите од Шабац предложија да се воспостави минимален работен процес неопходен за заштита на основните права и интереси на клиентите, така што адвокатите не треба да влегуваат и остануваат во просториите на судовите, обвинителствата, полицијата и управните органи по ниту еден основ.
Софија - Официјалната церемонија со што ќе се означи почетокот на активностите на заедничкиот офицерски контингент од Бугарија, Австрија, Романија и Унгарија за чување на бугарско-турската граница ќе се одржи денеска во Свиленград, соопшти бугарското Министерството за внатрешни работи.
Домаќин на настанот е бугарскиот министерот за внатрешни работи Даниел Митов. Тој ќе ги пречека колегите од Романија - Каталин Предоју и од Унгарија - Шандор Пинтер, како и делегација предводена од Франц Руф - генерален директор за јавна безбедност на Сојузното Министерство за внатрешни работи на Австрија.
Рим - Интензивни врнежи од дожд за само четири часа предизвикаа поплави на италијанскиот остров Сицилија, при што улиците беа блокирани, а водата носеше автомобили во околината на градот Месина.
Количината на дожд што падна во краток временски период одговара на целата месечна норма за овој регион, што доведе до свлечишта и излевање на водата во урбаните области.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека пожарникарите интервенирале на повеќе од 100 локации, користејќи гумени чамци за евакуација на загрозените граѓани.
Берлин - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер заминува во тридневна посета на Блискиот Исток за лично да се запознае со настаните во регионот, особено по соборувањето на режимот во Сирија, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение од неговиот кабинет.
Тој денеска во Ријад ќе се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Посетата на германскиот претседател на главниот град на Саудиска Арабија првично беше планирана за ноември, но подоцна беше откажана по падот на коалициската влада на левиот центар на Олаф Шолц.
Брисел – Над 145 шефови на делегациите и канцелариите и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, специјалните претставници и пратеници на блокот и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки, ќе се соберат на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, што од денеска до петок ќе се одржи во Брисел.
Конференцијата, чиј домаќин првпат ќе биде новата висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, оваа година е насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“.
Брисел – По вчерашните собранија и конференции на петте партии членки на новата белгиска владина коалиција, познати се речиси сите министри во новата Федерална влада на Белгија на мандаторот Барт де Вевер.
Според медиумските информации, најголемата партија во новата „Аризона“ коалиција, десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на идниот премиер Де Вевер, ќе ги даде и вицепремиерот и министер за финансии, пензии и културни институции Јан Јамбон, министерот за одбрана и надворешна трговија Тео Франкен и министерката за азил, миграција и урбана политика Анелин Ван Босајт.
Валонското либерално Реформско движење (МР), кое во новата Влада ќе добие четири ресори, засега само потврди дека партискиот лидер Жорж-Луј Буше ќе биде вицепремиер и министер за внатрешни работи и безбедност. Оваа партија ќе ги даде и министрите за средна класа, самовработување, мали и средни претпријатија и земјоделство, за труд и економија и за енергија, но нивните имиња се уште не се соопштени.
Женева - Состанокот на извршниот одбор на Светската здравствена организација (СЗО) денеска треба да одржи состанок бидејќи претстојното повлекување на Соединетите држави предизвика дупка во буџетот, јави ДПА.
Откако претседателот Доналд Трамп им нареди на САД да излезат од СЗО на неговиот прв ден на функцијата, во седиштето на агенцијата на ОН во Женева владее атмосфера на тревога.
САД се убедливо најголемиот придонесувач за СЗО. Во 2024 година, нивниот удел во буџетот беше 18 отсто.
САД моментално се претставени во извршниот одбор, кој има 34 членови и е највисокото тело за одлучување на СЗО помеѓу годишните генерални состаноци.
Дамаск - Четиринаесет жени и еден маж загинаа, а 15 жени се повредени во експлозија на автомобил-бомба на главниот пат на периферијата на северниот сириски град Манбиџ, соопшти Сириската цивилна одбрана.
Сите се земјоделски работници, се додава во информацијата.
По бунтот, кој го собори владеењето на Башар Асад во декември, Манбиџ е место на судири меѓу курдските и борците поддржани од Турција.
Москва - Украински напад со дрон предизвика пожар во руската област Астрахан и предизвика откажување на летовите од неколку аеродроми во Русија, соопштија руските власти.
-Украинските вооружени сили се обидоа да нападнат со дронови објекти лоцирани во областа, вклучувајќи складишта за гориво и енергетски објекти, напиша гувернерот на Астраханската област, Игор Бабушкин. „Уривањето на дрон предизвика пожар. Нема пријавени повредени“, се додава во соопштението.
Бабушкин не прецизираше каде избувнал пожарот.
Москва - Американскиот претседател Доналд Трамп со својот лик многу брзо ќе го врати редот, а европските елити ќе застанат пред нозете на својот господар и нежно ќе мавтаат со опашката, изјави рускиот претседател Владимир Путин за телевизијата „Русија 24“.
-Сега има некаква мешаница меѓу европските политички елити и новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Дали нешто се промени од времето на Бајден? Ништо не се промени. Тие беа среќни што ги извршуваа сите наредби на Вашингтон под Бајден, рече Путин.
Како што истакна, на „европските елити“ повеќе им се допаѓа Џозеф Бајден, додека „Доналд Трамп има различни идеи за тоа што е добро, а што лошо, вклучително и за прашањето за полот“.
Вашингтон - Педесет и пет од 67-те загинати во несреќата меѓу патнички авион на Американ ерлајнс и воен хеликоптер над реката Потомак во Вашингтон се идентификувани, изјави денеска началникот на противпожарната служба, Џон Донели.
Тим од воен персонал се подготвува утре да започне операција за отстранување на остатоците од двата авиони од водата. Тие ќе бидат однесени во хангар на националниот аеродром Роналд Реган Вашингтон.
Во меѓувреме, семејствата на жртвите од најголемата воздушна катастрофа во САД од 2001 година денеска го посетиле местото на несреќата.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека новите царини на увозот од Канада, Мексико и Кина можат да предизвикаат краткорочни економски потешкотии за американските граѓани, но оцени дека мерките се неопходни за справување со илегалната имиграција и трговијата со дрога.
- На краток рок, можеби ќе почувствуваме мала болка, но луѓето го разбираат тоа. На долгорочен план, ние сме ограбувани од речиси секоја земја во светот, оцени Трамп.
Во меѓувреме, Трамп најави дека денеска ќе разговара со канадскиот премиер Џастин Трудо и со мексиканската влада за новите царини, но не очекува големи промени.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе го прекине целото идно финансирање за Јужноафриканска Република (ЈАР), сè додека не се спроведе истрага за, како што рече, „многу лошиот третман“ на „одредени групи луѓе“.
„ЈАР конфискува земјиште и одредени групи луѓе ги третира многу лошо“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл, без да приложи докази за тврдењата.
„САД нема да го толерираат тоа, ќе преземеме мерки. Покрај тоа, го прекинувам целото идно финансирање за Јужна Африка додека не биде спроведена целосна истрага за оваа ситуација“, додаде тој.
Вашингтон - Министерот за одбрана на САД Пит Хегсет денеска ќе ја посети границата со Мексико во својата прва официјална посета од преземањето на функцијата. Ова е уште еден сигнал дека зајакнувањето на границата останува приоритет и за Пентагон и за администрацијата на Доналд Трамп, оценуваат американските медиуми.
Трамп сè почесто ја ангажира војската за спроведување на неговата имиграциска политика, вклучувајќи испраќање трупи на границата, користење воени авиони за депортација и отворање воени бази за сместување на мигрантите.
„Претседателот бара 100% оперативна контрола на границата – и ние ќе ја обезбедиме“, напиша Хегсет на Икс, најавувајќи ја посетата.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите за Блискиот Исток со Израел и неколку други земји „се движат напред“.
-Преговорите за Блискиот Исток со Израел и неколку други земји напредуваат, рече Трамп на прес-конференција пред неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида.
Новоизбраниот претседател на Републиканската партија утре во Вашингтон треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а една недела подоцна, на 11 февруари, ќе биде домаќин на јорданскиот крал Абдула Втори.
Лос Анџелес - На 67. доделување на Греми наградите, Бијонсе конечно го освои својот прв трофеј за албум на годината, потврдувајќи ја својата доминација во музичкиот свет.
Со 11 номинации за албумот Cowboy Carter, Бијонсе стана најноминираната артистка во историјата на Греми со вкупно 99 номинации во кариерата. Покрај наградата за албум на годината, таа победи и во категориите за најдобар кантри албум и најдобра кантри изведба во дует или група.
Кендрик Ламар триумфираше со пет награди, вклучително и за сингл и песна на годината со Not Like Us. Чапел Роун беше прогласена за најдобар нов изведувач, додека Шакира победи во категоријата најдобар латино поп албум со Las Mujeres Ya No Lloran.
Пјонгјанг - Пјонгјанг денеска упати критики кон американскиот државен секретар Марко Рубио поради неговите изјави дека Северна Кореја претставува закана за мирот.
Севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата „никогаш нема да толерира никакви провокации од САД“ и најави „убедливи контрамерки“.
Ова е прва директна критика на Пјонгјанг кон администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
- Никогаш нема да толерираме никакви провокации од САД и ќе преземеме соодветни чекори за одговор, како што тоа секогаш го правиме, изјави портпарол на Министерството, цитиран од државната агенција КЦТА.