• вторник, 04 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска информира дека донел одлука да ја разреши од членство во работната група за измени на Кривичниот законик судиката која која му судела на возачот што ја прегази Фросина Кулакова, со цел како што рече, да не се дискредитира процесот што е започнат за суштинските реформи во правосудството, со кои нема да се дозволи неказнивост и недопирливост.

-Денес се обраќам не како министер за правда туку како граѓанин и родител. Ги повикувам судовите во сите инстанци и Судскиот совет да преземат дејствија со кој ќе се преиспита целиот случај со прерарно загината Фросина. Истовремено денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда судијата чие име ја бранува јавноста. Судијата беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измени на Кривичниот Законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик со кој очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани со измените во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за потребните суштински реформи во правосудството. Загриженоста ја упатувам затоа што сметам дека крајно време е надлежните институциите да покажат дека се подготвени да преземат мерки со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност. Одговорност мора да се утврди и тука нема компромис. Граѓаните очекуваат правда, а институциите се должни да испорачаат брзо правично и транспарентно, рече Филков на денешната прес-конференција.

Скопје - Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција во врска со случајот со смртно прегазената Фросина Кулакова од Неготино од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје, посочи дека станува збор за кривично дело сторено со умисла и против осомничениот се води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.

-Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла, рече Коцевски.

Коцевски изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

Скопје - Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.

Како што изјави претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утре и задутре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари низа средби со високи претставници на Европската Унија, Европскиот парламент и Европскиот економски и социјален комитет, информираат од Министерството.

Во рамките на дводневната посета, предвидено е министерот Муртезани да оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ, Реформската агенда и следните чекори во преговарачкиот процес.

Скопје - Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ денеска изгласаа одлука в петок во Собранието да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“.

За оваа одлука поддршка искажаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и „Европскиот фронт“. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратеници од СДСМ.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески истакна дека безбедноста на граѓаните мора на сите да им биде приоритет, а тоа, како што рече, значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции.

Скопје - Со изведување на видео материјали од безбедносни камери за движењето на возилото  Цитроен на денот на грабнувањето на Вања Ѓорчевска во Дебар Маало, а потоа и заедно со возилото Рено Кангу како се движат низ Визбегово кон селото Бразда каде е запален и потоа како се враќа само реното Кангу назад, низ Чаир кон седиштето на партијата Десна, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Во попладневниот дел од денешното рочиште, Обвинителството презентираше видео материјали од комерцијални објекти во Визбегово лоцирани на патот кон Горно Оризари, на кои се гледаат движењата на возилата  Цитроен и Рено Кангу на 27 ноември 2023.

Реното Кангу, во кое има едно лице, на видео од објект во село Визбегово се гледа во 7:49, а пет секунди по него поминува Цитроенот.

Скопје – Дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари за литар, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за еден, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,12  отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 79 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 81,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 73, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 72 денари за литар.

Загреб – Годишната стапка на инфлација во Хрватска мерена со индексот на потрошувачките цени во јануари изнесува четири отсто, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Тоа е четврти последователен месец на забрзан годишен раст на цените, додека според усогласениот индекс на потрошувачките цени, инфлацијата во јануари беше пет проценти, што е највисока во еврозоната.

Според првичната процена на хрватскиот ДЗС инфлацијата во јануари изнесуваше четири проценти во споредба со истиот месец минатата година, додека во однос на декември забележан е раст од 0,1 отсто.

Сараево - Според податоците на Даночната управа на Федерацијата БиХ (ФБиХ), акцијата „Бојкот во БиХ“ не ги постигнала очекуваните резултати, бидејќи прометот во продавниците бил дури и поголем во однос на претходниот ден или во однос на истиот ден од претходната недела.

Според официјалните податоци, на 31 јануари 2025 година, вкупниот промет во Федерацијата БиХ изнесувал 251.568.163 конвертибилни марки (КМ) (1 КМ=0,51 евро)

Рим - Папата Франциск денеска го осуди убивањето деца во глобалните конфликти, велејќи на самитот во Ватикан дека ништо не е повредно од животот на едно дете.

Папата, кој беше критичен и за насилството во израелската воена офанзива во Газа и за руско-украинската војна, во своите забелешки не прецизираше на кои конфликти мисли.

„Трагично е, видовме речиси секој ден во последно време, деца умираат под бомби...тоа е неприфатливо, посочи тој. Истакна дека самата војна е злосторство против човештвото.

Брисел - Гренланд не е на продажба, изјави денеска данската премиерка Мете Фредериксен, откако американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела изјави дека интересот на поранешниот претседател Доналд Трамп за купување на островот „не бил шега“.

- Гренланд е дел од Кралството Данска. Тој е наша територија и не е на продажба, истакна Фредериксен на неформалната средба на лидерите на ЕУ во Брисел.

Трамп претходно изјави дека би сакал автономната данска територија да стане дел од САД и не ја исклучи можноста да изврши воен или економски притисок врз Данска за да го добие островот.

Брисел - Нашиот план е да го зголемиме влијанието на Европската Унија на глобално ниво, како антитеза на автократската оска што се формира денес во светот, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во обраќањето на отворањето на Годишната конференција на амбасадорите на Унијата, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, која од денеска до петок се одржува во Брисел.  

Калас нагласи дека едно истражување од минатиот месец покажало дека граѓаните на многу земји во светот сметаат дека ЕУ ќе има поголемо глобално влијание во следната деценија.  

- Таа вербата во капацитетот на ЕУ како глобален актер, на исто ниво со САД и Кина, е поголема од онаа што ја чувствуваат граѓаните од многу земји на Европската унија... Нашата моќ се слободата, достоинството, еднаквоста, просперитет. Тоа е моќта на привлекување. Тоа е нашата најсилна алатка, истакна Калас. 

Брисел - Мора да ги зголемиме трошоците за одбраната и одбранбеното производство, но за нивото на зголемување ќе решаваме подоцна и врз основа на анализите што ќе ги направиме ќе поставиме нова цел за издвојувања за одбранбените потреби, изјави денеска генералниот секретар на НАТП, Марк Руте при пристигнувањето на работниот ручек со лидерите на ЕУ во рамки на денешниот неформален Самит на Унијата што се одржува во Брисел. 

- Можам да ве уверам дека таа (цел) ќе биде значително повисока од два проценти (од БДП), изјави Руте, додавајќи дека европските земји мора да вложат повеќе напори за споделување на товарат на трошоците за одбраната со САД.   

Брисел - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Брисел повика на „понезависна“ Европска унија (ЕУ) од САД во однос на набавките и колективната безбедност.

-Многу е едноставно. Треба да бидеме повеќе наклонети кон домашните набавки, рече Макрон по пристигнувањето во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и британскиот премиер Кир Стармер.

Макрон рече дека изјавите на новата американска администрација на Доналд Трамп „ги туркаат Европејците да бидат пообединети и поактивни во одговорот на прашањето за колективната безбедност“.

Москва - Русија ги гледа Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) како потенцијални локации за средба меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, јавија денеска светските агенции, повикувајќи се на два неименувани руски извори.

Изворите тврдат дека високи руски претставници ги посетиле Саудиска Арабија и ОАЕ во последните неколку недели, а еден од изворите рече дека се уште има одредено противење во Русија, бидејќи некои дипломати и разузнавачки претставници укажувале на блиските воени и безбедносни врски што Саудиска Арабија и ОАЕ ги имаат со САД.

Женева - Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) ќе разговараат за намалување на дел од нејзиниот буџет за 400 милиони долари, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги повлече САД, најголемиот донатор на СЗО, од агенцијата, се наведува во документот објавен денеска.

Отворајќи го годишниот состанок на извршниот одбор на агенцијата, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ја бранеше работата на агенцијата и неодамнешните реформи и го повтори повикот до САД да го преиспитаат своето излегување и да стапат во дијалог со СЗО за натамошни реформи. -Би ги поздравиле предлозите од САД и од сите земји-членки за тоа како можеме подобро да ви служиме вам и на луѓето во светот, рече тој.

Стокхолм - Суд во Шведска денеска го прогласи антиисламскиот активист Салван Наџем за виновен за злосторство од омраза со организирање на јавно палење на Куранот, јавија британските медиуми.

Наџем, шведски државјанин, е осуден на условна казна и парична казна поради палење на Куранот и давање навредливи коментари за муслиманите за време на инцидентите во 2023 година. Овие инциденти предизвикаа немири и го разгореа гневот кон Шведска во муслиманските земји.

Вашингтон – Вработените во американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) денеска им било наредено да не влегуваат во седиштето на агенцијата во Вашингтон.

Известувањето им било доставено откако милијардерот Илон Маск објави дека претседателот Доналд Трамп се договорил со него да ја затвори агенцијата.

Вработените во УСАИД изјавија дека околу 600 вработени пријавиле дека биле исклучени од компјутерските системи на агенцијата во текот на ноќта.

Оние кои сè уште се во системот добија е-пошта во кои се наведува дека „по наредба на раководството на Агенцијата“ зградата на седиштето „ќе биде затворена за персоналот на Агенцијата во понеделник, 3-ти февруари“.

Сиднеј - Обилните дождови предизвикаа сериозни поплави во австралиската сојузна држава Квинсленд, при што најпогоден е регионот помеѓу Таунсвил и Кернс во североисточниот дел на земјата, јави ДПА.

Во Таунсвил за само три дена наврнало количество дожд еднакво на просечната шестмесечна норма. Неколку реки се излеале од коритата, а нивото на водата продолжува да расте.

Според службите за итни случаи, околу 400 лица се сместени во евакуациски центри. Метеоролошките експерти предупредија дека во наредните шест часа може да наврнат дополнителни 180 милиметри дожд.

Рамала – Палестинското претседателство ја осуди вчерашната опреација на израелската армија во Западен Брег, оценувајќи ја како етничко чистење.

Портпаролот на претседателството, Набил абу Рудеин истакна дека израелските воени операции изминатите денови, посебно во северниот дел на Западен Брег, се со цел насилно раселување и етничко чистење и упати апел до американската администрација да „интервенира пред да биде предоцна“.

Израел вчера спроведе голема воена операција во северниот дел на окупираниот Западен Брег, при што се уништени повеќе згради. 

Кампала - Официјални претставници на Уганда забрзано ги подготвуваат неопходните процедури за да добијат дозвола за примена на вакцина против ебола, во обид да го спречат ширењето на болеста во главниот град Кампала, изјави директорот на националниот Институт за истражување на вирусологија, Понтијано Калебу.

Според него, тим научници работи на планирано одобрение за употреба на повеќе од 2.000 дози од вакцината против суданскиот сој на ебола, пренесува „Вашингтон тајмс“.

„Вакцината се уште не добила дозвола, а сите протоколи за нејзино добивање се забрзани“, рече Калеб.

Остани поврзан