• среда, 12 март 2025
МИА Општински пул

11 март 2025 

Маврово - Под слоганот „Откриј го Националниот парк Маврово“, оваа јавна установа ја започна најновата кампања за подигнување на свеста за зачувување на природата и промоција на природните и културните вредности на паркот.

Од управата на најголемиот национален парк во Македонија посочуваат дека со оваа кампања во наредниот период ќе информира за значењето на паркот и неговата улога во заштитата на биодиверзитетот. Покрај ова, ќе се промовираат и одржливи туристички практики и ќе се поттикнуваат активности кои треба со кои заедницата ќе работи на неговото зачувување.

Македонска Каменица - Каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски со апел до граѓаните за внимателно однесување во природа по серијата пожари кои деновиве се гаснеа на територијата на Општина Македонска Каменица. Зачестените пожари, како што истакна тој претставуваат сериозна закана за шумите, населените места и безбедноста на граѓаните и нивните имоти.

-Благодарение на постојаната и брза интервенција на Територијалната противпожарна единица – Македонска Каменица, како и на вработените во Национални шуми, Граничната и Шумската полиција, спречени се поголеми штети. Нивната професионалност, координација и пожртвуваност имаат клучно значење во гаснењето на пожарите и заштитата на природата, истакна Атанасовски.

Куманово - На подрачјето на СВР Куманово во 2024 година биле евидентирани вкупно 348 пријави во врска со семејно насилство, додека во 2023 година 404 пријави, информираа денеска од полицијата. Во пријавените кривични дела од семејно насилство обично како жртва се појавува жена над која е употребена физичка сила од страна на сопруг, вонбрачен другар, разведени или се во процес на бракоразводна постапка, каде што во одредени настани истите биле под дејство на алкохол, антидепресивни лекарства и психотропни супстанции, и се закануваат со огнено, ладно оружје или тврди предмети.

-Во неколку случаи, инцидентите на семејно насилство биле пријавени повеќекратно во истото семејство, укажувајќи на повторувачко однесување. Кај одреден дел од пријавите се завршиле со повлекување од кривично гонење од страна на оштетените, велат од полицијата.

Штип - Матичните лекари, но и лекарите од Итната медицинска помош предупредуваат дека почнува сезоната на алергиите, со цветањето на дрвјата. Томица Наков лекар по општа медицина во Итната медицинска помош во Штип вели најчесто пациентите се алергични на поленот, кој е застапен во воздухот овој периодот од годината. Пациентите кои се алергични на полен знаат за тоа, и потребно е навремено да ја земаат својата терапија со цел да превенираат.

-Имаме пациенти кои се преосетливи на полен и има појава на алергиски реакции. Тие пациенти не се нови, туку тие си знаат дека имаат проблеми од поленот. Првична симптомалогија кај нив е течење на нос, сува и надрзнителна кашлица, кивање, печење и солзење на очите. На оваа симптоматологија можже лесно да се превенира доколку пацеинтите навремено си ја земаат терапијата, изјави Наков. 

Струмица - Здружението „Анимал Лаверс“ - Струмица со огромна загриженост ја информира јавноста за свирепото убиство на кучето Рекс, кое беше застрелано со огнено оружје во селото Муртино, струмичко, на 27 минатиот месец. Полицијата потврдила дека сторител на овој грозоморен чин е малолетно лице, а случајот веќе е предаден на Јавното обвинителство.

За Здружението овој настан отворил сериозни прашања за безбедноста во општеството. -Како е возможно малолетник да поседува и да ракува со огнено оружје? Дали во семејството на сторителот децата се учат да користат оружје? Дали надлежните институции ќе дозволат ова злосторство да помине неказнето? Каква порака се испраќа до идните генерации доколку ваквите случаи останат без соодветна правна разрешница?, прашуваат од Здружението.

Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска оствари средба со возрасните центарци од Здружението на пензионери на Општина Центар, каде што се дискутираше за проектите што се имплементираат за подобрување на нивниот квалитет на живот.

На средбата, Герасимовски ги информираше пензионерите за услугата бесплатен транспорт на неподвижни лица до здравствени установи. За оваа услуга,  граѓаните треба однапред да се јават на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со поддршка на Црвениот крст, исто така, се реализира и новата услуга „Итно копче“, која овозможува брза реакција во итни ситуации за граѓаните над 65 години, особено за оние кои живеат сами или со партнер со нарушена здравствена состојба.

Скопје - Денес во Општина Илинден беше промовирано ново специјално комунално возилно – подигнувач на контејнери со капацитет од 5.5м3. Возниот парк постојано се оновува, ова е шесто комунално возило набавено во изминатиот период заедно со градежна машина, багер. Општината континуирано ги подобрува комуналните услуги и го зголемува возниот парк на претпријатието.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денес, по разгледување на возилото, истакна дека приоритет за работење на локалната самоуправа е токму подобрување на услугите што таа ги нуди. Со набавка на нови комунални возила, освен што ќе се подобри квалитетот на услугите што ги извршува ЈКП „Илинден“, туку и ќе се обнови и зголеми самиот возен парк.

Македонска Каменица - Локализиран е пожарот помеѓу каменичките села Саса и Моштица, потврдија за МИА од Регионалната канцеларија на ЦУК, од каде велат дека пожарот е изгаснат денеска околу 11:30 часот. 

- Во пожарот не била зафатена шума, а опожарени се околу 20 хектари сува трева. Синоќа екипа на ТППЕ од Македонска Каменица беше присутна на терен на кои им се приклучија екипи на гранична полиција и шумско стопанство кои дежураа заради превенција, информираа од Регионалната канцеларија на ЦУК.

Скопје - Денес, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, изврши увид во градежните активности на детската градинка "Верверичка", кои се во завршна фаза. Оваа нова градинка во населбата 11 Октомври Згради, ќе се протега на 525м2, во кои ќе има 4 занимални и една поголема просторија предвидена за сала за приредби и свечености. Согласно предвидената динамика на градба, треба да биде завршена до мај оваа година и ќе обезбеди квалитетни услови за предучилишно образование за преку 110 дечиња.

Градоначалникот нагласи дека создавањето на можности и  услови за позитивен ран детски развој е еден од клучните приоритети на Општина Кисела Вода.  -Кога започнавме со работа, во општина Кисела Вода имавме листа од над 400 деца кои чекаа за упис во градинка. Денес, таа бројка е намалена на околу 40, благодарение на новите градинки кои ги отворивме и на проширувањето на капацитетите на постојните.  Во изминатите три години, направивме интервенции во вкупно 9 објекти. Со изградбата на "Верверичка", како и со завршувањето на новата градинка во Расадник и во Потстаница, општината веќе се движи кон целта да ја елиминира комплетно листата на чекање. Мојата визија е јасна- за секое дете од општината да има место во градинка. Овие проекти, како и инвестициите во опремувањето на градинките, ќе овозможат услови за креативен и стимулативен развој на најмладите- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

 

Остани поврзан