МИА Општински пул
- 3 февруари 2025
3 февруари 2025
Делчево - Јавната локална библиотека „Илинден" од Делчево доби поддршка од Министерството за култура за два проекти поднесени во рамки на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата, од областа на библиотечната дејност за 2025 година, соопштија од библиотеката во Делчево.
Проектите, како што информира директорката на установата Биљана Петровска, се однесуваат на поголема грижа за библиотечниот фонд во установата.
Неготино - Трите лица во Црвени Брегови пронајдени во импровизиран верски објект починале од труење со јаглерод моноксид, покажал наодот на судска медицина. Од Обвинителството попладнево за МИА потврдија дека се преземаат дејствија за утврдување на тоа што се случувало во неготинското село.
На 8 декември минатата година, МИА информираше дека три безживотни тела биле пронајдени во неготинското село Црвени Брегови.
Македонска Каменица - Почнаа подготвителните активности за изградба на улица „Стипцарска“ во Македонска Каменица, сооопшти градоначалникот на Општината Димчо Атанасовски, кој денеска изврши увид во работите на оваа улица.
-На оваа улица која е во должина од 550 метри, денеска извршив увид во работите на терен и се уверив дека тие се одвиваат согласно предвидената динамика. Со тоа ќе се подобри пристапот до домовите, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, а со тоа ќе се подигне и квалитетот на секојдневното функционирање на граѓаните во овој дел од општина Македонска Каменица, истакна Атанасовски.
Велес - На 2 февруари годинава се навршија 118 години од раѓањето на истакнатиот велешки франкофон, писател, преведувач и универзитетски професор д-р Георги Шоптрајанов.
По повод годишнината, локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес денеска постави изложба од дела поврзани со творештвото на Шоптрајанов. Библиотеката уште на 5 октомври 2012 година има отворено Франкофонско катче каде меѓу големиот број на книги се собрани и најголем дел од делата поврзани со творештвото на проф. д-р Георги Шоптрајанов.
Битола - Маја Андоновска Илијевски поднесе оставка на функцијата директор на НУ Центар за култура-Битола, што ја извршуваше од 2019 година.
Во соопштение до јавноста Андоновска Илијевски истакнува дека поднесувањето оставка е тежок личен чин, кој го прави со длабока анализа, размислување и проценка на состојбите и причините кои водат до него.
Куманово - Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое обвинет за „злоупотреба на служена положба и овластување“ е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, по пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово. На денешното рочиште на предлог на одбраната на Димитриевски беше сослушано вешто лице која подготвила градежно вештачење за Дуп-от во урбаниот дел 48 помеѓу „Трета МУБ“ и улиците „Перо Чичо“, „Миле Кипра“ и „Прва петолетка“.
Вештото лице остана на подготвеното мислење, укажувајќи дека за секое барање поднесено во системот на е дозволи, општината може да се произнесе негативно некомплетна документацијата, доколку не е во согласност со законот и важечкиот ДУП за локацијата, нагласувајќи дека овој случај има суспензија на ДУП поради реакцијата на Гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствен дом-Школска амбуланта. Таа нагласи дека има трошоци при поднесување на барањето, за електрика, статика, во зависност од планираниот објект.
Штип - Новиот директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Филип Стевановски на денешната прес-конференција најави дека во текот на овој месец на репертоарот на Театар-Штип ќе се играат десет театарски претстави и тоа секој вторник и четврток.
Тој истакна дека во текот на февруари ќе имаат и гостивање на ансамблот на Народниот Театар Куманово (НТК) со претставата „Како што сакате“ и на Домот за култура „Бели Мугри“ од Кочани со претствата „Избувливиот човек“. Новина е и што билтерата во зградата на Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип ќе работи од 9 до 19 часот, додека во деновите кога ќе има претстави во зградата на Театарот билетарата исто ќе работи од 17 до 20 часот, со цел публиката да си ги земи билетите.
Струга - Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска вршат вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Струга по смртта на четиригодишното дете на Детското одделение. Тоа за МИА го потврди директорот на Инспекторатот Кирил Лазов, посочувајќи дека штом ќе заврши надзорот и ќе имаат нешто поконкретно ќе излезат со дополнителни информации.
На Детското одделение во Струшката болница вчера почина четиригодишно дете кое, според директорот Владимир Бунчески, имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 27 јануари до 2 февруари 2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 147 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од Јавното претпријатие.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, велат оттаму, неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Скопје - Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во реализацијата на новата капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, на површина од 35.000 м². Изградбата на Home Retail Park – првиот ваков трговски парк во Македонија, е проект вреден 15 милиони евра. Ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека оваа инвестиција е потврда за зголемената доверба на инвеститорите во општина Кисела Вода, благодарение на транспарентното и законско работење на новото раководство.
-Изградбата на Home Retail Park претставува значаен економски импулс за нашата општина. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места, туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска ја промовираше услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години кои живеат сами, како и за други изнемоштени и болни лица на територијата на општината. Оваа услуга, која се спроведува во соработка со Црвениот крст на град Скопје, ќе им овозможи на корисниците да добијат итна помош со едноставно притискање на едно копче, информираат од Општината.
-Со воведувањето на „Итно копче“, ние како општина ја зајакнуваме грижата за најранливите категории граѓани. Секој оној кој има потреба од помош ќе може да ја добие 24/7, со поддршка од обучени тимови. Оваа услуга за корисниците од Општина Ѓорче Петров ќе биде целосно бесплатна, бидејќи сите финансиски средства за нејзината реализација ги обезбедуваме ние, истакнал градоначалникот Стојкоски.
Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов извршиле генерално чистење на целиот простор во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Притоа подигнале и транспортирале вкупно 30 кубни метри кабаст отпад и отпад од картонски пакувања одложени вон садовите наменети за одлагање на отпадот.
Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, за време на чистењето на терен присуствувал и в.д. директорот на ова јавно претпријатие Сабахадин Рустеми.