• вторник, 04 февруари 2025
МИА Радио флеш

 3  февруари 2025

Скопје - Пратеничките групи на ВМРО - ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ денеска до Собранието поднесоа барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, објави на Фејбук координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Скопје - Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал денеска ќе поднесе кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани, во врска со вчерашната меѓународна истрага координирана од страна на ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција,  во која е сузбиена организирана криминална група инволвирана во извршување на кривично дело фалсификување пари, која делувала на териториите на повеќе држави.

Во акцијата на територија на Република Северна Македонија, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, соопштија денеска од МВР, извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес и Прилеп кај правни и физички лица, при што лишени од слобода се 10 лица (девет лица од Скопје и едно лице од Велес).

Скопје - Реформите, вклучувајќи го и усогласувањето на нашата регулатива и практики со европските, се значаен фактор за привлекување странски директни инвестиции. А странските директни инвестиции во малите економии како нашата вообичаено се еден од двигателите на економскиот раст, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа во видеоинтервју за „Инвисо“ (организаторите на Форумот на Централна и Источна Европа, порано познати како „Еуромани“), истакнува дека најголемиот дел од странските директни инвестиции доаѓаат од ЕУ − околу две третини, вклучително и во банкарскиот систем. На овој начин, според неа, уште повеќе се зајакнува трговската и финансиската интеграција на нашата економија со европската. Речиси 80% од нашиот извоз оди во земјите на ЕУ. 

Скопје - Ремек-делото на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи ќе се изведе на 7 февруари, петок, на сцената на Националната опера и балет (НОБ).

Како што најавија од НОБ, приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква" од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Приштина - На социјалните мрежи во Косово се појавија повици за бојкот на трговската мрежа на 10 февруари, како протест против високите цени.

Групата „Бојкотирај ги маркетите“ (BOJKOTO MARKETET) на Фејсбук ги повика граѓаните да не купуваат ништо во супермаркетите тој ден. Бојкотот ќе трае 24 часа, а организаторите ги повикуваат граѓаните да ги набават неопходните намирници од зелените пазари и локалните земјоделци.

„На 10 февруари нема да купуваме ништо во супермаркетите, а ако нашиот глас не се слушне, ќе преземеме и други мерки“, стои во најавата за настанот на Фејсбук.

Атина – Министрите за надворешни работи на Грција и Турција Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан вчера се сретнале во Доха, а како што информираа од грчкото МНР преку платформата „Х“, шефовите на двете дипломатии разговарале за билатералните односи, регионалните и меѓународните случувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис во рамките на неговата посета на Блискиот Исток вчера беше во Катар, каде што и се сретна со Фидан.

Aтина – Во текот на ноќта и рано утрово продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, меѓутоа грчките сеизмолози смируваат и велат дека се следи ситуацијата, додека пак според медиумите во Грција, од синоќа голем е бројот на граѓани кои го напуштаат островот, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјотресите во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос не надминуваат 4,4 степени според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а директорот на институтот Василис Карастатис посочи дека епицентарот на последователните потреси се оддалечува североисточно од Санторини, што според него е позитивно за островот и последиците врз објектите.

Брисел – Приоритетите на заедничката европска одбрана, обезбедувањето на средства потребни за нејзино финансирање и зајакнувањето на постоечките партнерства на ЕУ, ќе бидат главни теми на отворената и слободна дискусија на денешниот неформален Самит на Унијата, најави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта пред почетокот на средбата на шефовите на држави или влади на членките на блокот, што се одржува во бриселската палата Егмон.  

- Ова е првпат да се сретнеме на состанок посветен исклучиво на одбраната и овој наш напор претставува продолжение на работата што ја започнавме на Самитот во Версај во март 2022 година, кога заклучивме дека Европската Унија треба да преземе поголема одговорност за својата одбрана, рече Кошта. 

Франкфурт - Еврото падна на почетокот на неделата поради зголемената загриженост поради ескалацијата на трговскиот спор меѓу Соединетите држави и неколку други земји.

Курсот се намали во текот на ноќта на 1,0141 долари, што е најниско ниво од ноември 2022 година, пред малку да се опорави на 1,0245 долари утрово, сè уште повеќе од еден цент под вредноста во петокот навечер.

Еврото е под притисок по изборот на Доналд Трамп за американски претседател на почетокот на ноември, кога се тргуваше над 1,09 долари.

Брисел – Членовите на новата Федерална влада на Белгија денеска во Кралската палата во Брисел положија заклетва пред белгискиот крал Филип, по што новиот премиер Барт Де Вевер официјално треба да ја преземе должноста од неговиот претходник Александар Де Кро. 

Новата Влада покрај Де Вевер ја сочинуваат и петмина вицепремиери, кои ќе имаат и министерски задолженија, како и 10 ресорни министри или вкупно 16 члена, од кои 12 мажи и четири жени.  

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска со својот сојузник САД ќе разговара за втората фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа, а утре ќе биде примен од претседателот Доналд Трамп, кој увери дека разговорите „се движат напред“.

Израелскиот премиер вчера пристигна во САД, со што стана првиот странски лидер што го прими Трамп откако тој ја презеде функцијата за втор мандат.

Вашингтон - Службеници на Федералното истражно биро (ФБИ) во САД добиле детален прашалник за нивната работа во кривичните постапки поврзани со настаните од 6 јануари 2021 година, кога приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп насилно влегоа во зградата на Конгресот.

Документот предизвикал страв од можни откази меѓу агентите на ФБИ, посочуваат локалните медиуми.

Мексико Сити - Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид се приклучува на мексиканскиот клуб Монтереј како слободен агент.

Серхио Рамос ќе заработи 4 милиони евра плус бонуси за тековната сезона, објави новинарот Николо Шира.

Исто така и инсајдерот Фабрицио Романо, лиферува информација дека поранешниот дефанзивец на Реал ден претходно потпишал преддоговор со мексиканскиот клуб на една година.

Остани поврзан