• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

  12  февруари  2025

 

 

Скопје - Собранието денеска ќе го посети специјалниот претставник на Словенија за Западен Балкан, Анжеј Франгеш.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Франгеш ќе се сретна со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Кавадарци - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе биде во посета на општина Кавадарци, каде ќе го пушти во употреба реконструираниот пат од село Дабниште до село Ресава.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ќе го посети селото Дабниште, каде се врши реконструкција на фекална канализација, потоа ќе направи увид во реконструкцијата на пристапниот пат од село Ресава до викенд населбата Косовец покрај Тиквешкото езеро и ќе ја пушти во употреба спортската сала во село Возарци

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 34-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 25 точки, меѓу кои и Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ е четврта точка на дневен ред. За да биде донесена потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Скопје – Советот на јавните обвинители денеска организира отворен ден за кандидатите со завршена обука од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје.

Целта, како што е најавено, е запознавање со постапката по објавениот оглас, временската динамика, како и со целокупното работење на јавното обвинителство.  

Скопје - Минхенската безбедносна конференција е местото каде што е можно да се оствари средба на повисоко ниво меѓу македонски и бугарски високи претставници, по формирањето на новата Влада во Софија минатиот месец. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција што треба да започне на 14 февруари. Шефицата на државата, пак, Гордана Сиљановска Давкова, гледа деблокирање на евроинтеграцискиот пат.

Скопје - Во Стопанската комора на Северна Македонија денеска ќе бидат презентирани резултатите од Aнкетата за странските директни инвестиции за 2024 година.

На презентацијата, на која ќе учествува претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо, ќе бидат презентирани актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата на компаниите од преработувачката индустрија со странски капитал, кои се извозно ориентирани. 

Скопје - По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели, Владата донесе одлука да ги ограничи маржите во трговијата на мало до 10 проценти и исто толку и во трговијата на големо. Извештајот на Државниот пазарен инспекторат покажа дека кај трговците на мало утврдено е дека имало над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери утврдени се повисоки маржи кои оделе дури и до 50 проценти. 

Скопје - Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Скопје - Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во земјава, на кој ќе се дискутира и за улогата на високото образование во обликувањето на иднината во оваа област ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Настанот е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Гевгелија - Во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“-Гевгелија, вечерва ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ од Јани Бојаџи, познат македонски режисер, продуцент и сценарист.

Како што информираат од гевгелискиот дом на културата, ова книга спојува научна анализа со белетристички елементи и е наменета за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти.

Скопје - Kнигата „Креативност во работа со деца“ на проф. д-р Виолета Арнаудова, д-р Фросина Денкова Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска, ќе биде промовирана денеска во Домот на култура „Биљана Беличанец“ во Кисела Вода.

Настанот ќе го отворат проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет, а промотор ќе биде проф. д-р Ратко Дуев. Изданието е на Филозофскиот факултет од Скопје.

Белград -  Студентите од четири државни универзитети во Србија, кои речиси три месеци блокираат повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите за смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад, подготвуваат нова акција, а во тек е студентски марш од Белград и Ниш до Крагуевац, каде на 15 февруари ќе одржат заеднички митинг.
Студентите, чии блокади на повеќе од 60 факултети траат од 22 ноември, досега беа поддржани од стотици илјади граѓани ширум Србија на бројни собири и  блокади, каде со 15-минутно молчење  им се оддава почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.

Белград - Групацијата Телеком Србија   објави дека постигнала договор за купување на NetTV Plus, DTH во Србија и Северна Македонија и лиценцата за правата на Sport Klub за Западен Балкан од United Group.

Групацијата Телеком Србија постигна договор за стекнување на 100 проценти од акциите во Eon TV International Ltd (холдинг-компанија на NetTV Plus), бизнисот директно до дома (DTH) во рамките на EoNSat и Total TV во Србија и Северна Македонија, како и за стекнување на одредени права, лиценци и други средства поврзани со каналите Sport Klub за Западен Балкан за сума од 652 милиони евра, се вели во соопштението.

Атина – Пратениците во грчкиот Парламент претпладнево по четврти пат ќе гласаат за претседател на Грција, а со оглед на тоа што на денешното гласање потребно е еден од кандидатите да добие најмалку 151 глас и со фактот што поранешниот собраниски спикер и кандидат од Нова демократија Константинос Тасулас при првите три гласања доби 160 гласа, очекувањата се дека денеска ќе биде избран за шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Брисел - Погодени со царини и закани од Вашингтон, Европската унија и Канада денеска ќе разговараат за зближување, што е најнов знак за поширок притисок на Брисел за диверзификација на трговијата од САД.

Канадскиот премиер Џастин Трудо ќе разговара со највисоките претставници на ЕУ во главниот град на Белгија, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум.

Париз - САД и Велика Британија одбија да потпишат декларација за „инклузивна и одржлива вештачка интелигенција“ на Глобалниот самит за вештачка интелигенција (GPAI) во Париз, објавија британските медиуми.

Во Декларацијата на самитот во Париз, поддржана од 60 земји потписнички, вклучително и Франција, Кина, Индија, Јапонија, Австралија и Канада, е наведено дека приоритетите ја вклучуваат „потребата вештачката интелигенција да биде отворена, инклузивна, транспарентна, етичка, безбедна и доверлива на меѓународно ниво, за сите луѓе и за планетата“, пишува Гардијан.

Киев - Украинската влада одобри нов систем на едногодишен договор за воени доброволци на возраст од 18 до 24 години, со потенцијален годишен приход до два милиона украински гривни (околу 50.000 евра), соопшти денеска кабинетот на украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.

Од кабинетот на Умеров соопштија дека оваа иницијатива има за цел да привлече граѓани кои ќе можат да ја изберат својата позиција и воена единица, да поминат интензивна обука и да добијат конкурентни финансиски и социјални придобивки.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека „можеби ќе биде потребно да се позанимаваме со судиите“ кои, како што рече, ги блокираат напорите за намалување на трошоците на владините агенции.

За време на заедничкото обраќање од Овалната соба во Белата куќа, Трамп и шефот на Одделот за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск рекоа дека има „голем отпор“ во владата.

Вашингтон - Белата куќа го разреши генералниот инспектор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) Пол Мартин. Генералните инспектори вршат надзорни функции и имаат задача да спречат измама и злоупотреба во владините служби.  Maртин беше назанчен на функцијата во 2023 година. Отказот го добил по е-пошта, јавија американските медиуми.

Канцеларијата на Мартин во понеделникот објави извештај во кој предупредува дека поради замрзнувањето на финансирањето на УСАИД, надзорот над хуманитарната помош сега е „во голема мера нефункционален“. 

Вашингтон - Асошиејтед прес објави дека Белата куќа му забранила на новинар од агенцијата да известува за настан поради уредувачката одлука да се продолжи да се нарекува Мексикански залив, што беше преименуван од претседателот Доналд Трамп, во Амеиркански залив.

АП беше предупредена од Белата куќа дека ако не го усогласи својот уредувачки стил со претседателскиот декрет за преименување на заливот, агенцијата нема да добие пристап до настанот во Овалната соба.

Вашингтон - Американското Министерство за образование побара од Националниот сојуз за универзитетски спорт (NCAA) и клучните средношколски спортски организации да ги укинат титулите, наградите и рекордите што биле „неправилно постигнати од биолошки мажи кои се натпреваруваат во женски категории“.

Во соопштението на Министерството се наведува дека барањето е „целосно во согласност со новата политика на Националниот сојуз.

Дубаи - Раселувањето на Палестинците од нивните територии во Појасот Газа и Западниот Брег е „неприфатливо“ за регионот, изјави денеска генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит.

„Тоа е неприфатливо за арапскиот свет кој се бори со оваа идеја 100 години“, рече тој на самитот на светските влади во Дубаи, на прашањето за планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги пресели жителите на Газа. 

Феникс – Кошаркарот на Феникс санс, Кевин Дурант надмина 30.000 поени во најсилната кошаркарска лига на светот.

Триесет и шестгодишниот Американец утринава постигна 34 поени во поразот 112:119 против Мемфис.

Дурант сега има точно 30 илјади поени. Рекордер во лигата по ефикасност е кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс (41.623 поени). Шест други играчи исто така го имаат повеќе од 30.000 поени: Карим Абдул-Џабар, Карл Мелоун, Коби Брајант, Мајкл Џордан, Дирк Новицки и Вилт Чембрлен.

Остани поврзан