МИА Радио флеш
- 13 февруари 2025

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во рамки на Светскиот самит за Влади 2025 во ОАЕ се сретна со Абдула Насер Лоота, заменик министер за кабинетски работи за конкурентност и размена на знаење во ОАЕ.
На средбата, како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, се разговарало за развојот и конкурентноста во управувањето со податоци во која што Лоота ја имал клучната улога во зајакнување на позицијата на ОАЕ на глобалната сцена, со особен акцент на одржливиот развој и иновациите во областа на управувањето со податоци.
Скопје - Амбасадата на Чешка во Скопје известува дека Министерството за образование, млади и спорт на Република Чешка обезбедува четири стипендии за кандидати од Република Северна Македонија за учество на летни школи по чешки јазик во рамки на проектот за словенски студии.
Две места се обезбедени за летната школа во Плзењ, од 5 до 25 јули 2025, и две места за Брно - од 26 јули до 23 август 2025. Стипендијата покрива школарина, сместување и исхрана во студентска кантина, а патните трошоци се на товар на самиот кандидат.
Скопје - Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Како што соопшти Комората, одлуката која предвидува 10-процентно ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите.
Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.
Скопје - Половина од граѓаните (50,3 отсто) се подготвени да посегнат по насилство за да ја заштитат безбедноста на нивното семејство, покажува истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за перцепцијата на граѓаните за безбедноста, како личната, така и општо, во државата, по спроведената телефонска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
-Вкупно 40,4 отсто од испитаниците не се согласуваат со ниту еден од ставовите, односно самите не би посегнале по насилство за заштита. Иако процентот на оние кои се подготвени да пријават насилство е мнозински (59,6 отсто) сепак, загрижуваат аргументите на остатокот од испитаниците за непријавување: велат дека тоа не е нивна работа, дека не веруваат дека надлежните можат да го решат проблемот, или се плашат од последиците. Кај најмладите испитаници, оние меѓу 18 и 29 години, најниска (46,2 отсто) е подготвеноста да пријават насилство или кршење на законот, а една четвртина од нив рекле дека тоа не е нивна работа, се наведува во соопштението од МЦМС.
Скопје - Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје, а со одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование до крајот на оваа учебна година преку сесии за кариерно советување ќе ги опфати сите 108 средни училишта, директно информирајќи и едуцирајќи околу 10 000 средношколци за планирање и развој на кариера, информираат од НМСМ.
-Динамиката на денешниот професионален живот и пазарот на труд е во рапиден раст. Се случува она што денес е барано и атрактивно, веќе утре да биде заменето со нешто ново. Затоа кариерното советување е потребено особено за младите. Тоа не значи само определување на можна професија, туку треба да ни помогне да се истражиме себеси на посуштинско ниво: нашите вредности, ставови, амбиции, карактерни особености, предиспозици, а потоа да ни даде и доволно информации за полето на интерес, пазарот на труд, можностите кои постојат како и развој на вештини за креирање на план за личен и професионален развој и негова успешна реализација, вели Филип Ивковски, претседател на НМСМ.
Атина – Поради железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, членови на грчката анархистичка група Рувиконас доцна синоќа фрлија летоци пред домот на новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, обвинувајќи го за „прикривање на криминалот“, а портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис коментиаше дека сторителите се „претставници на најлошата верзија на фашизмот“, јави дописничката на МИА од Атина.
На летоците беше испишан слоганот „Тасулас гробар на Темпи“, а инцидентот се случи само неколку часа откако беше избран за претседател, додека пак од Рувиконас преку социјалните мрежи соопштија дека „интервенцијата“ била поради „валканата улога на Тасулас во прикривањето на криминалот кај Темпи“.
Атина – Жителите на Санторини и околните острови поминаа релативно мирна ноќ во споредба со изминатите денови, со оглед на тоа што не беа регистрирани голем број земјотреси и имаше само два со јачина од 4,2 степени, додека пак за 15 дена во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос имало над 15.300 земјотреси, јави дописничката на МИА од Атина.
Сеизмологот Димитрис Папаниколау за грчката телевизија „Антена“ утрово посочи дека не треба да „залажува“ синоќешната блага сеизмичка активност, „бидејќи земјотресите ќе продолжат уште долго и ќе имаме земјотреси над 5 степени според Рихтер“. Грчките сеизмолози во изминатите денови истакнуваат дека конкретната појава може да трае со недели, па дури и месеци, а категорично ја отфрлаат можноста за активирање на вулканот кај Санторини.
Атина – Странски државјанин кој се наоѓа во затвор во Франција е еден од сторителот на кражбата на банка во Атина во 2008 година, кога биле одземени над четири милиони евра, а случајот грчката полиција го расчисти по 17 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека за кражбата на филијалата на банка во населба во северниот дел на Атина за Велигден во 2008 година, бил користен методот „рифифи“, односно непознати лица преку прозор влегле во банката и одзеле пари и вредни предмети од централниот сеф и трезорите, чија вредност надминала 4.000.000 евра.
Загреб - Хрватските санитарни инспектори наредија итно уништување на пратка со сок од јаболко од Србија поради присуство на микотоксини.
Европскиот систем за безбедност на храна (РАСФФ) објави дека микотоксинот патулин, произведен од одредени видови мувла, е откриен во сок од јаболко од Србија.
Патулин е откриен во примерокот на сокот во концентрација од 93 микрограми на килограм јаболка, прописите не дозволуваат присуство на овој микотоксин воопшто.
Брисел - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека Русија ќе остане закана за европската безбедност дури и ако се постигне мир во Украина, изразувајќи жалење што американската администрација веќе направила, како што наведе, отстапки за Русија пред почетокот на преговорите.
„Би било наивно да се верува дека таа закана, дури и по каков било мировен договор, кога и да се материјализира, ќе ослабне“, рече Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Берлин - Не смее да има наметнат мир во Украина, а какво било решение на конфликтот таму мора да ги вклучи САД, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во денеска објавено интервју за „Политико“.
„Целосно ми е јасно дека не смее да има решение кое не ги вклучува САД. Следната задача е да се обезбеди дека нема да има наметнат мир“, рече Шолц.
Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави денеска дека Украина и Европа мора да бидат вклучени во мировните преговори за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за решение на конфликтот.
„Не можеме да водиме разговори без вклучување на Украина. Мирот во Европа е во прашање, затоа ние Европејците треба да бидеме вклучени, рече Бербок во интервју за радио Дојчландфунк.
Лондон - Поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит изјави дека е загрижен дека вештачката интелигенција можат да ја користат терористи или непријателски држави за да повредат невини луѓе.
„Вистинските стравови што ги имам не се оние за кои повеќето луѓе зборуваат со вештачката интелигенција, јас зборувам за екстремен ризик“, изјави Шмит за Би-Би-Си. Технолошкиот милијардер, кој беше на високи позиции во Гугл од 2001 до 2017 година, рече дека „Северна Кореја, или Иран, па дури и Русија“ би можеле да ја усвојат и злоупотребат технологијата за создавање биолошко оружје.
Вашингтон - Претставници на Белата куќа размислуваат за намалување на буџетот на федералните агенции во просек меѓу 30 и 40 отсто, фокусирајќи се на значително намалување на персоналот, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на неименувани извори.
Весникот додава дека тимот на милијардерот Илон Маск, кој сега е на чело на Одделот за владина ефикасност (DOGE), иницирал големи отпуштања на федерални вработени.
Вашингтон - Тесла, чиј главен извршен директор, Илон Маск, го советува претседателот Доналд Трамп како да ги намали владините трошоци, најверојатно ќе добие профитабилен договор со Стејт департментот за снабдување со блиндирани верзии на Сајбертрак (Cybertruck), објави Њујорк тајмс, нагласувајќи дека тоа е наведено во јавните документи.
Прогнозата за набавка на одделот за 2025 година, која ги детализира купувањата што агенцијата очекува да ги направи, вклучува 400 милиони долари за блиндирани возила на Tесла. Во документот не е прецизирано кој модел на Tесла, туку дека електричниот Сајбертрак, што има каросерија од нерѓосувачки челик со висока цврстина, би бил најпогодното возило.
Вашингтон - Претставници на Белата куќа размислуваат за намалување на буџетот на федералните агенции во просек меѓу 30 и 40 отсто, фокусирајќи се на значително намалување на персоналот, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на неименувани извори.
Весникот додава дека тимот на милијардерот Илон Маск, кој сега е на чело на Одделот за владина ефикасност (DOGE), иницирал големи отпуштања на федерални вработени.
Пекинг - Кина денеска соопшти дека е задоволна што Вашингтон и Москва ги „зајакнуваат комуникациите“ откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин за мировни преговори за Украина.
„Русија и САД се две важни и влијателни земји“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун на денешната редовна прес-конференција. Тој истакна дека Кина е „задоволна што гледа како Русија и САД ги зајакнуваат комуникациите и водат дијалог за низа меѓународни прашања“.
Сeул - Сите средни училишта во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, добиле преку факс закани на јапонски јазик дека ќе бидат кренати во воздух, соопшти денеска јужнокорејската полиција.
Во соопштението се наведува дека полицијата трага по лицето кое ги испратило заканите, а училиштата ги зајакнале безбедносните мерки.
Во факсот се укажува дека бомбите веќе се поставени во сите средни училишта во Сеул и дека ќе почнат да експлодираат в петок попладне по локално време, соопшти полицијата.
Канбера - Кон Австралија се приближува циклон кој прераснува во бура од петта категорија, која се смета за најопасна, поради што се затворени пристаништата, училиштата и патиштата во западниот дел на земјата.
Циклонот наречен „Зелија“ веќе предизвика обилни врнежи и силен ветер, а моментално е на 145 километри северно од Порт Хедланд, со удари на ветрови од 285 километри на час, пренесува австралискиот портал Си-Би-Ес. Ангус Хајнс од Бирото за метеорологија вели дека тоа е најмоќниот тропски циклон и се прогнозира дека ќе биде категоризиран како бура од петта категорија додека го преминува брегот.