МИА Општински пул
- 17 септември 2024
Дебар - Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати остра реакција до албанската влада, која, како што се наведува, со своето неделување дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.
Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.
- Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија".
Македонска Каменица - Во насока на заштита на населението и имотите на граѓаните, од потенцијални штетни последици предизвикани со најавените обилни врнежи, Општина Македонска Каменица преку активностите на Јавното претпријатие Камена Река, презема редица на интензивни мерки за превенција.
- Темелното чистење на сите отворени канали за собирање на атмосферски води е една од клучните мерки за спречување на поплави. Нивната функционалност овозможува непречено одводување на поголеми количини на вода и спречува создавање на поголеми атмосферски талози при поројни дождови, изјавил градоначалникот Димчо Атанасовски, соопштија денеска од Општина Македонска Каменица.
Тој упатил апел до сите граѓани на Македонска Каменица да бидат внимателни, да не одложуваат градежен шут и отпад во системите за одводнување и во регулираните суводолици на целата територија на општината.
- Заеднички, со превенција и со одговорно проактивно однесување, можеме да се заштитиме и да ги минимизираме ризиците од временските непогоди, се наведува во соопштението.
Струмица - Археолошките истражувања на езерската наколна населба ,,Мрдаја'' во Дојран, продолжија на 10 овој месец и заради високото ниво на Езерото се истражува просторот на брегот оддалечен триесетина метри јужно од позициите истражувани во периодот од 2012 до 2014 година, информираа денеска од НУ „Завод за заштита на споменици на култура и музеј-Струмица“.
-Просторот кој се истражува е со димензии 10 х 5 метри, а културниот слој се појавува на длабочина од околу 1,5 метри. Низ, речиси целиот ископ се појавува огромно количество садова керамика од погруби садови, пред се садови за складирање на прехранбени продукти, но и подвижни печки, стои во информацијата.
Археолозите, според наодите од материјалната култура, населбата рамковно ја сместуваат во доцното бронзено време и преодниот период на бронзеното и железното време.
Кратово - Над 180 дечиња од Кратово, од пет до дванаесет години, се дел од годинашната забавна „Детска олимпијада Кратово 2024“.
- Спортско-забавната програма наменета за деца на возраст од 5 до 12 години, чиј фокус е развој на моторичките способности преку спортот, и социјалните и когнитивните способности, преку игра и забава е прва во Општина Кратово и се спроведува со 180 деца распоредени во неколку групи, во различни спортови. Се одржува на спортскиот отворен терен Мусала во организација на училишниот спорстки клуб „Кочо Рацин“, а е финансирана од Општина Кратово и останати локални фирми и поединци, информираат од Општина Кратово.
Забавната „Детска олимпијада“ има за цел ширење пријателство, еднаквост, промовирање на здрав начин на живот и спортска култура кај најмладите.
Програмата ја спроведуваат наставниците од основните и средното општинско училиште во Кратово, а од Општината ги повикаа сите млади и родители активно да се вклучат во активностите што ја пренесуваат пораката за пријателство и еднаквост во секојдневниот живот и на спортските терени.
Скопје - Во текот на минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување обемна дива депонија лоцирана на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), на аголот со улицата „Максут Садик“, во непосредна близина на Амбасадата на САД.
Како што информират од ова јавно претпријатие, интервенирано е и на булеварот Македонско-косовска бригада во населбата Топаана, каде што е извршено расчистување на повеќе помали диви депонии.
-Посочените локации претставуваат „црни точки“ каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини, се вели во денешното соопштение од ЈП „Комунална хигиена“.
Во рамките на активностите се подигнати и транспортирани приближно 30 кубни метри непрописно одложен отпад на јавни и на сообраќајни површини.
Охрид - Во Охрид денеска ќе биде отворен 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), со најавено учество на повеќе од 240 гости, претставници на 64 држави членки и национални ИПА секции, како и на други меѓународни организации.
На собирот, што ќе се одржува до 22 септември, ќе се разговара за повеќе теми поврзани со регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација и во таа насока, ќе бидат потпишани низа конкретни договори.
По завршување на 67-миот ИПА Светски конгрес во Охрид, ќе следи манифестацијата „Недела на пријателство“, со предвидени туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани. Граѓаните тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.
-Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат, истакнува Герасимовски.
Општина Центар ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.
Охрид - Летната туристичка сезона на Охридското Езеро мина без регистрирани позначајни нарушување на безбедноста на капачите на охридското и струшкото крајбрежје, без пријавени пловидбени несреќи и без случаи на давење во езерските води. Тоа се посочува во извештајот на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција), надлежна за севкупната безбедноста на езерото.
Според извештајот на Езерската полиција, полициските службеници интервенирале во еден случај кога на малолетно лице ненадејно му се превртел кајакот по што, безбедно го извлекле малолетникот. Интервенирано е и при случај на појава на пожар во пловен објект, а успешно е извлечен и пловен објект со повеќе лица што при лоши временски услови останал дефект во езерските води.
По преземени мерки по Закон за внатрешна пловидба, во периодот од 1 јуни до 31 август, откриени се 45 прекршоци и санкционирани се 29 сторители, откриени се четири илегални преминувања на државната граница во езерските води на лица државјани на Р. Албанија кои се затекнати при незаконит риболов во македонските територијални води. Против две лица поднесени се кривични пријави за КД „Незаконит риболов“.