• сабота, 22 февруари 2025
МИА Општински пул

Скопје - Објавен е вториот јавен повик на кој општините може да аплицираат за добивање на финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Може да аплицираат сите општини за добивање на финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април. 

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Очекува да се искористат планираните средства затоа што, вели, општините имаат инфраструктурни проблеми. 

- Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците, рече Перински. 

Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума - резидентното население во општината согласно последниот Попис и комплетна проектна документација потребни за отпочнување на јавната набавка. 

Штип – Директори на средни училишта од Штип, Скопје и Битола  од Државниот испитен центар имаат побарано соодветен простор за организирање на државната матура за средношколците во мај и јуни. Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска денеска оствари средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, Дејан Мираковски со цел да им се излезе во пресрет на штипските средни училишта за организирање на полагањето на државната матура во предавалните и амфитеатрите на Факултети на УГД-Штип, бидејќи училиштата немаат доволно простор согласно утврдените прописи за полагање на државната матура.

- Средните училишта од Општина Штип се изјаснија дека им е потребна поддршка во делот на организирање на просторот, бидејќи согласно правилата за организирање на матурата, просторот треба да биде раздалеченост меѓу учениците од метар и половина, за да можат да работат непречено и да имаме подобра прегледност во полагањето на испитите од екстерниот дел од државната матура. Токму затоа денес сме тука на барање на директорите, се обративме до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ да ни овозможи и да ни даде поддршка за организирање на екстерните испити, вели Јовчевска Михајловска.

Таа додаде дека поголемиот простор нуди поголеми можности за поголема предност при полагањето на предметите на државната матура.

Штип – Во куќа на улицата „Мирче Ацев“ во централното градско подрачје на Штип претпладнево избувна пожар. Нема повредени во пожарот.

Десет пожарникари со три возила го гаснеа пожарот, кој ја зафати кровната конструкција на куќата. Според информациите од командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов пожарот е ставен под контрола. Дополнително ќе се утврдува за причините на пожарот. 

Скопје - Општина Ѓорче Петров денес официјално започна со реконструкцијата на улица Црногорска 2, како дел од долгогодишното барање на жителите на Дексион за подобрување на инфраструктурата во овој дел на општината. По децении на проблеми со старите и оштетени патишта, жителите на Дексион конечно ќе добијат нов изглед на улиците, што ќе обезбеди подобри услови за живеење.

„Со оваа реконструкција започнуваме серија инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите за живот во целата општина. Реконструкцијата на улица Црногорска 2 е само првиот чекор во решавањето на деценискиот проблем на жителите од оваа област,“ изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Како што беше најавено, проектот продолжува со реконструкција на вкупно 5000 м² од улиците, а во оваа фаза реконструкцијата ќе продолжи на други улици.

Дебар - Општина Дебар на вториот повик од владиниот проект „100 милиони евра за општините“ ќе аплицира со 27 проекти, потврди за МИА, градоначалникот Хекуран Дука.

-Проектите се подготвени и истите се во вредност од 131.649.580 денари. Се однесуваат главно за патна инфраструктура и водоводна мрежа. Како што е најевно повикот ќе биде објавен деновиве и оптимист сум дека ќе ни бидат прифатени сите доставени проекти, додаде Дука.

Во исто време искажува задоволство од прифатените проекти од првиот повик, кога општината доби 700 илјади евра, кои, како што рече се веќе во општинската каса и се објавени тендери, по што по изборот на најповолните понудувачи, ќе се отпочне со реализација.

-На првиот повик поднесовме четири пријави, а се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура во градот односно целосна реконструкција на три локални улици во градот и изградба на водовод во најголемото село во нашата општина, селото Могорче. Целосно ни се одобрени три проекти, додека едниот е со кофинансирање, посочи тој.

Делчево - Во црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево денес се одржа Света литургија во чест на споменот на Трите Ерарси и учители на црквата, кај народот познат како „Три Светитела". Со литургијата освен преосвештениот епископ Делчевско-каменички г. Марко чиноначалствуваа високопреосвештениот митрополит Кумановско - осоговски г. Григориј и вомировен митрополит г. Јосиф. 

-Вие сте светлина на светот и затоа не може да се сокрие град што се наоѓа на врв на планина. Нашиот спасител овие зборови ги упатил на светите апостоли, но денес овие зборови се упатени до секој човек. Денес заедно со Вас сведочиме за светлината, за љубовта, за верата православна. Сведочиме за непрестајното дваесет вековно благодарење со Бога. Не може да се соркие православаната христијанската вера, а најголемо сведоштво за тоа е денешниот празник ко јредовно во континуитњет го слават христијаните , истакна митрополит г.Григориј.

Изрази благодарност во владиката Марко за поканата денес во Делчево да имаат заедничка литургија.

-Сакам да ја искористам оваа прилика да го честитам денешниот празник на сите верници и да порачам „Живејте со црквата во срцето“, „Живејте за црквата“ зошто тука го започнуваме нашиот живот на земјата, тука се остваруваме како личности, а од тука се претставуваме и пред Бога, додаде г.Григориј.

Епископот  г.Марко од негово лично име на свештенството и верниот народ од епархијата Делчевско-каменичка се заблагодари на г.Григори и г.Јосиф за можноста заедно да заедничарат во Христа.

Неготино - Кавадарчанец бил тешко повреден додека местел церада на сканија, информираа денеска од СВР Велес. 

-Вчера во ОВР Неготино било пријавено дека околу 12 часот на улица „Даме Груев“ во Неготино, Г.Ј.(63) од Кавадарци паднал од товарно возило „сканија“ со кавадаречки регистарски ознаки, додека ја местел церадата. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Кавадарци, информираа од СВР Велес.

Тетово - Основен суд Тетово донел решение со кое Зијадин Села е впишан како претседател на Алијанса за Албанците. Ова решение доаѓа откако во април 2024 беше донесена иста таква одлука, за поставување на Села како претседател, која потоа беше обжалена од крилото на Арбен Таравари во Апелациски суд. Повисокиот суд во септември 2024 го врати предметот на повторно судење. Тетовскиот суд решението го донел на 20 јануари 2025 година под РПП бр.6/2024.

-Во судскиот регистар на Политички Партии под РПП.бр.1/24 што се води во Основен суд Тетово се запишува промена на Претседателот, во иднина за Претседател на Партијата се именува Зијадин Села ул.Ливада бр.1 од Струга наместона досегашниот претседател на Партијата Арбен Таравари ул. Борче Јовановски бб, се вели во првиот дел од решението на Основен суд Тетово.

Во вториот дел од решението се вели дека во судски регистар на Политички Партии што се води во Основен суд во Тетово се запишуваат и неколку промени во статутот на Партијата Алијанса на Албанците. И на ова решение Таравари има право на жалба до Апелацискиот суд Гостивар во рок од 15 дена. 

Струмица - Општинскиот инспекторат за животна средина продолжува со изрекување казни за загадувачите во Струмица според законите за животна средина и управување со отпадот.

Како што информираа од Општина Струмица, вчера од двата извршени инспекциски надзори кај две компании констатирани се неправилности и инспекторите им наложиле да ги отстранат истите.

Едно лице вчера било затекнато од комуналните инспектори во село Добрејци како согорува отпад од електрични кабли. Против него е поведена прекршочна постапка со изрекување на казна од 150 евра според Законот за јавна чистота.

Од СВР Струмица до Инспекторот за животна средина е пријавен запален отпад во село Градско Балдовци, но по увидот заедно со полицајци не е затекнато присутно лице за кое од страна на инспекторот за животна средина би можело да се води инспекциска постапка.

Берово - Во посета на Општина Берово денеска се градоначалникот на Општина Крањ, Maтјаж Раковец и пратеничката на Движење Слобода, Сандра Газинковска, од Република Словенија. На средбата во кабинетот на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски разговараа за продлабочување на  соработката преку реализација на заеднички проекти за подобар живот на граѓаните на двете општини.

-Разговаравме за можностите за развој на билатерална соработка и реализација на проекти, како и продлабочување на соработката, во областа на културата, социјална заштита, обезбедување на подобра комунална инфраструктура и унапредување на противпожарната заштита, истакна Пекевски.

Заеднички ја посетија и ТППЕ Берово која неодамна доби донација од Општина Крањ.

-Во таа насока во мое лично име, во име на Општината и ТППЕ Берово им се заблагодарив за неодамнешната донација од специјално противпожарно возило за Берово, со кое силно се зајакнати капитетите за противпожарна заштита, додаде Пекевски.

Битола - Со проекти стимулираме отворање нови бизниси, самовработување, помош на малите и средни претпријатија, а со тоа и развој на нови технологии и нови начини на производство и претприемништво, истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

На средба со стопанственици од Битола, Ристески посочи дека Министерството за економија и труд во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП посочи дека успешно се реализираат проектите од оперативната програма на АВРМ во претходната година, средства обезбедени за реализација на зелената агенда и зелената економија.

-Со оваа програма која почна да се реализира во 2022 година досега ново вработени се околу 400 лица, а ќе има и нови. Во новата програма на Министерството за економија и труд и оперативните планови на Агенцијата за вработување и претприемништво, предвидени се нови  проекти и затоа апелираме до битолските стопанственици и граѓаните активно да ги следат програмите што ќе бидат објавени кон крајот на февруари и во месец март и да се пријавуваат. Нашата цел, рече Ристевски, е развој на економијата, намалување на невработеноста и овозможување на нови работни места за младите кадри во Македонија.

Куманово - Основниот суд Куманово денеска на барање на одбраната на обвинетата градежна инспекторка ја одложи денешната главна расправа. Одбраната на обвинетата за примање поткуп Лидија Трајковска бараше да се одложи расправата поради нејзината влошената здравствена состојба.  По утврдувањето на нејзината здравствена состојба, таа ќе може да се произнесе по однос на обвинението. Одбраната воедно бараше и да ги разгледа доставените докази од обвинителството.

Семејството на обвинетата, на претходна прес-конференција обвини за долготраен притвор на нивната мајка и кажаа дека поради долготрајноста таа се соочила со здравствени проблеми.

Обвинителството ја сомничи шеесетгодишната Трајковска дека во својство на службено лице – градежен инспектор сторила кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што наведе обвинителството, лани на 2 ноември,  истрагата била поведена  бидејќи осомничената на 1 ноември, во еден ресторан во Куманово, во својство на службено лице – градежен инспектор во Општина Куманово – Сектор за градежен инспекциски надзор, побарала и примила подарок за да не изврши службено дејствие што би морала да го изврши.

 

Остани поврзан