• недела, 15 декември 2024

Медиуми: Белгија размислува за можно укинување на статусот за заштита на сириските бегалци доделен во последните пет години

Медиуми: Белгија размислува за можно укинување на статусот за заштита на сириските бегалци доделен во последните пет години

Брисел, 11 декември 2024 (МИА) - Белгиските власти ја разгледуваат можноста за укинување на меѓународниот статус за заштита доделен на сириските бегалци во последните пет години, објавија локалните медиуми повикувајќи се на изјавата на државната секретарка за азил и миграција, Никол де Мур.

Претходно оваа недела Белгија, како и други европски држави, привремено го суспендира разгледувањето на барањата за азил од сириски државјани поради падот на режимот на Башар ал Асад. Одлуката засега 2.350 сириски граѓани кои ќе останат во миграциските центри во статус на чекање.

Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, околу 40 илјади Сиријци добиле статус на бегалци во Белгија, а само тројца од нив се вратиле во татковината.

Де Мур истакна дека белгиските власти се подготвени да им помогнат на Сиријците кои ќе одлучат доброволно да се вратат дома. Таа додаде дека доделувањето на меѓународна заштита не е трајно. Според претставникот на групата за поддршка на Сиријците во Белгија, Меди Касу, бегалците засега не покажуваат интерес за враќање во својата земја.

Супсидијарната заштита е дел од статусот на меѓународна заштита што го доделува Белгија на лица кои не ги исполнуваат условите за бегалец, но се соочуваат со сериозна закана за животот, како воени конфликти или нечовечко постапување. Овој статус не е траен и редовно се преиспитува, особено ако се процени дека состојбите во земјата на потекло се подобриле. За Сиријците, оваа заштита често беше доделувана за време на граѓанската војна, но сега е под преиспитување поради промените во Сирија.ссм/

фото: архива

Остани поврзан