• четврток, 25 јули 2024
МВР Билтен

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - СВР Скопје го расчисти кривично правниот настан од 01.04.2024 во с. Арачиново, скопско, кога беше пријавено дека кон градоначалникот на општина Арачиново Р.И. и други лица вработени во општината, додека вршеле увид во градежни работи, од страна на непознато лице од автоматско оружје биле испукани повеќе проектили, при што со повреди се здобиле Е.С.(39) и А.А.(22). Веднаш по добиената пријава, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал - Одделението за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, во координација со ОЈО Скопје, преземени се бројни оперативно-тактички и истражни дејствија, при што е утврден идентитетот на сторителот. По целосното комплетирање на службените материјали и извршените вештачења, на 16.07.2024 до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против М.А. (36) за сторено кривично дело „убиство во обид“, предвидено и казниво по чл. 123 во врска со чл.19 од Кривичниот законик.  

На 16.07.2024 во 21.00 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода А.А.(20) и В.А.(22), двајцата од Прилеп. Тие се сомничат дека околу 16.30 часот во Прилеп физички го нападнале А.Ш.(30) од Прилеп и му одзеле пари. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицата биле задржани во полициска станица. За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава по член 237 од Кривичниот законик.

На 17.07.2024 во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп  го лишиле од слобода С.А.(22) од Прилеп, поради сомнение за сторено кривично дело „кражба“. При преглед кај него биле пронајдени марихуана, таблети, различен накит и банкноти во различни апоени. Одземените предмети биле вратени на сопственикот, а по документирање на настанот против него ќе биде поднесе соодветна пријава.

На 16.07.2024 во 23.15 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба го лишиле од слобода А.М.(19) од с.Арачиново, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 16.07.2024 во 19.15 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга го привеле Л.Д.(25) од струшкото село Корошишта. При преглед во неговото возило, извршен кај местото „Мороишки мост“, општина Струга, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 16.07.2024 во 23.45 часот на улица „Нико Нестор“ во Струга, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга го привеле В.М.(24) од Струга. Тој, откако ги забележал полициските службеници, фрлил ќеса со марихуана и дробилка, кои биле пронајдени и одземени. По целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 16.07.2024 во 23.50 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници го лишиле од слобода П.Е.(29) од кавадаречко, затоа што по извршени проверки било констатирано дека патничкото возило „ауди а6“ со британски национални ознаки, кое го управувал, било предмет на потрага по барање на Интерпол-Велика Британија, откако на 09.02.2024 било пријавено дека било одземено. Тој бил предаден на полициски службеници во СВР Куманово за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (16.07.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 96 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола шест санкции, девет мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, три санкции за користење мобилен телефон при возење, три мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло...

На 16.07.2024 во 22.00 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека околу 21.40 часот на локален пат помеѓу селата Банско и Муртино, струмичко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „хамачи“ без регистарски ознаки, управуван од Д.К.(19) од село Банско и товарно возило „там“ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.С.(41) од село Банско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.

На 16.07.2024 во 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од пат кој води кон ул.„50“ во с.Радишани, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „нисан“, управувано од А.Л.(56) и мопед „пијаџо“, управуван од М.Н.(18), двајцата од Скопје, а двете возила со скопски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
       
На 16.07.2024 во 13.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од ул.„11 Октомври“ и ул.„Доне Божинов“ во Куманово, А.А.(26) од Куманово, управувајќи  мотокултиватор „ИМТ 509“ со кумановски регистарски ознаки, излетал од коловозот и удрил во ѕид од објект. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 16.07.2024 во 17.22 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека на локалниот пат од село Тработивиште кон село Разловци, А.С.(45) од с.Тработивиште, делчевско, управувајќи мотоцикл со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Делчево.

Денеска (17.07.2024) во 01.00 часот во Полициската станица Аеродром, К.Г.(41) од Скопје пријавил дека на ул.„Ѓорѓе Андреевиќ-Кун“ во Скопје, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник. дма/

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан