• четврток, 25 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Полициски службеници од СВР Скопје, Одделение за криминалистички работи Центар и Бит Пазар, на 23.07.2024 го лишиле од слобода Б.Х.(20) од Скопје. Тој се сомничи дека е сторител на четири кривични дела тешки кражби во угостителски објекти на подрачјето на Центар и во неколку продажни објекти на подрачјето на Чаир.

Имено, по претходно добиени пријави за сторените тешки кражби, од кои две во април, а две во јуни годинава, соопштија од МВР, полициските службеници Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар преземаа низа оперативни мерки и активности на местата на кои кривичните дела се извршени, меѓу кои и прегледи на видео надзор и анализи на подигнатите траги, а по доставеното вештачење е утврдено дека Б.Х. е осомничен дека ги извршил четирите кривични дела. Тој е предаден во Полициска станица Бит Пазар, а во консултација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по брза постапка за постоење на основи на сомнение за сторени четири кривични дела „тешка кражба“. Лицето денеска (24.07.2024) е изведено пред Судија на претходна постапка, кој одредил мерка притвор.

Денеска (24.07.2024) околу 03.50 часот на магистрален пат Крива Паланка – Куманово, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции запреле автобус сопственост на компанија за превоз на патници од Косово. При извршениот преглед на возилото и патниците, пронајдени се повеќе кутии со лекови со вкупно 5942 таблети, 100 пакувања со кафе, 36 чанти со натпис од заштитени брендови, 104 машки парфеми и други предмети за кои немало соодветна документација. Г.Ќ.(28) и Џ.М.(27), двајцата од Косово, се лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 278 Б и член 353 од Кривичниот законик, а увид извршила Единицата за економски криминал при СВР Куманово и по консултација со јавен обвинител автобусот со пронајдените предмети е одземен за понатамошна постапка.

Денеска (24.07.2024) околу 13.10 часот на ул.„16. Македонска бригада“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Ј.(32) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.

СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против В.Т.(25) и од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „уцена“, казниво по член 259 и „полов напад и силување“, казниво по член 186 став 1, а во врска со став 4 од Кривичниот законик и против Б.Т.(33) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“, казниво по член 24, во врска со кривично дело по член 259 од Кривичниот законик. Првопријавениот В.Т., во периодот од август 2023 до 22.07.2024, заканувајќи се на тогаш 17-годишна девојка од Битола дека на социјална мрежа ќе објави фотографии со кои ќе ѝ наштети на нејзината и честа и угледот на нејзиното семејство, извршил обљуба врз неа. Покрај ова, тој на истиот начин ја принудил да му исплати пари, стекнувајќи се со имотна корист од околу 5.500 евра. Во извршување на ова дело му помагал второпријавениот Б.Т., кој внимавал некој да не наиде при подигање на парите, кои подоцна ги делеле. Двајца се лишени од слобода, а со судска наредба, полициски службеници од СВР Битола извршија претрес во домот кој го користат, при што беа пронајдени докази и предмети за кои постои сомнение дека со поврзани со делата. Судија на претходна постапка на В.Т. му определи мерка притвор, а на Б.Т. мерка на претпазливост.

На 23.07.2024 во 13.10 часот на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Б.(34) од Скопје. Тој се сомничи дека околу 12.45 часот на паркинг простор пред хотел на подрачјето на Центар му го одзел мобилниот телефон на С.Ј.(62) од Пробиштип. Според пријавеното, при обид да си го врати одземеното, С.Ј. бил нападнат со тврди предмети од А.Б., кој му го оштетил возилото. Со А.Б. бил извршен службен разговор во полициска станица и кај него бил пронајден одземениот предмет. По целосно документирање на случајот Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „разбојничка кражба“ по член 238 од Кривичниот законик.

На 23.07.2024 во 23.10 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишиле од слобода Д.Ј.(30) од Кочани, кој бил баран поради бегство од Казнено – поправната установа Затвор Куманово. При лишувањето, тој физички нападнал полициски службеник и бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, а по наредба на Основен суд Кочани Д.Ј. е спроведен во казнено-поправната установа за доиздржување на затворската казна.

Во рамки на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност во сообраќајот, во текот на вчерашниот ден (23/24.07.2024) во периодот од 08.00 до 01.00 часот спроведена е акциска контрола за прекршоци што ги прават возачите со чкрипење на погонските тркала, преголема бучавост, техничка неисправност на возилата и оние кои го попречуваат сообраќајот со погрешно или непрописно паркирање на возилата. При контролата биле откриени и санкционирани 96 прекршоци (ТЕ-81 и ГВ-15), од кои 21 прекршоци (ТЕ) поради непрописно паркирање и со специјално возило „пајак“ биле подигнати 17 возила, 51 возач (ТЕ-48 и ГВ-3) затоа што користеле мобилен телефон при управување со возило, 18 возачи затоа што не користеле сигурносен појас… Против возачите биле поднесени соодветни поднесоци. Исто така, во текот на контролата, на улица „Маршал Тито“, на влез во градот, биле исклучени од сообраќај и задржани во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово 10 патнички возила, кои го нарушиле јавниот ред и мир со чкрипење на погонски тркала и предизвикале поголема бучавост од максимално пропишаната, поради што ќе бидат упатени на вонреден технички преглед. Поради истатa причина, претходните два дена биле исклучени и задржани уште осум патнички возила. На возачите ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно констатираните неисправности во станицата за технички преглед, а доколку биде констатирано преголема бучавост кај возилата, тие согласно законот ќе бидат задржани 90 дена во полициска станица.

На 23.07.2024 вo 15.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Нов живот“ во Скопје, патничко возило „фолксваген венто“ со скопски регистарски ознаки, удрило во малолетен пешак од Скопје, по што возачот го однел во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.07.2024 во 19.00 часот во СВР Охрид било пријавено дека на крстосницата од ул.„АСНОМ“ и ул.„Никола Карев“ во Охрид, патничко возило „форд фокус“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(25), удрило во пешакот У.К.(73), двајцата од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила У.К., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Охрид.    

На 23.07.2024 во 15.28 часот во СВР Скопје било пријавено во кругот на верски објект на подрачјето на Бит Пазар настанал пожар во летниковец и една соба која се користела за потребите на верскиот објект. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.

Денеска (24.07.2024) во 03.15 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода Т.Ј.(44) од Скопје, затоа што физички ја нападнал неговата 38-годишна поранешна сопруга пред угостителскиот објект каде работела. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.   

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.С.(45) од с.Сенокос, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство. На 11.07.2024 во дворот од семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата 72 - годишна мајка.

На 23.07.2024 во 14.00 часот во СВР Штип, Ш.К.(61) од Штип пријавил дека на 22.07.2024 околу 11.30 часот во двор од куќа во Штип, по претходна расправија, бил физички нападнат од Е.Г.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Б.(62) од Гостивар, сопственик и управител на правно лице од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на авторско право и сродни права“. На 01.11.2023 било констатирано дека пријавениот неовластено репродуцирал,  дистрибуирал и посегнал по туѓо авторско право, во однос на ТВ платформи. Притоа, во правното лице биле пронајдени и одземени компјутери, рисивери и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото.

Денеска (24.07.2024) во 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходно нарушени меѓусебни односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу З.Ц.(58) и Ф.Б.(38), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Ш.(18) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 26.05.2024, по кратка расправија, пријавениот физички го нападнал М.Ќ.(20) и му нанел тешка телесна повреда.

На 23.07.2024 во 23.50 часот во СВР Штип, Д.Н.(62) од с.Криви Дол, штипско, пријавил дека околу 19.30 часот во дворот од неговата семејна куќа бил физички нападнат од едно лице, кое употребило и дрвен предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Д.М.(45), К.М.(66) и двајца малолетници, сите од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.07.2024 во Виница, пријавените физички ја нападнале С.И. и ѝ нанеле повреди.

На 23.07.2024 во 21.00 часот во СВР Скопје, И.В.(42) од Скопје пријавила дека околу 20.10 часот во парк на подрачјето на Центар била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.А.(58) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 01.06.2024, пријавениот со остар предмет упатил закани кон Ш.А..

На 23.07.2024 во 10.00 часот во Полициската станица Кочани, Б.Ѓ.(71) од Кочани пријавила дека околу 03.10 часот, едно лице со употреба на сила влегло во нејзината куќа во Кочани и ѝ одзело личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Ш.(47) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство. На 29.06.2024 во семејната куќа во гостиварско село, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал неговата 28 - годишна сопруга и ѝ нанел повреди.

На 23.07.2024 во 11.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека при изведување градежни работи – вршење на ископ во општина Илинден, биле пронајдени човечки коски. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.07.2024 во 11.30 часот во Полициската станица Аеродром, М.Н. пријавил дека од домот каде престојувал се оддалечил С.Г.Б.(44) од Непал, кој бил вработен во фирма од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.С.(38) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ и против А.Х.(21) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ и „насилство“. На 10.02.2024 на ул.„Илинденска“, второпријавениот физички го нападнал првопријавениот, по што првопријавениот се обидел со нож да го нападне В.Л. од Тетово, но не успеал.

На 23.07.2024 во 12.45 часот во Полициската станица Гази Баба, Г.Т.(38) од с.Булачани, скопско, пријавил дека од домот се оддалечила неговата сопруга Д.Т.(29). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.К.(35) од с.Желино, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење“. На 02.02.2024 во Тетово,  пријавениот следел малолетничка од Тетово и откако ѝ го одзел мобилниот телефон барал од неа да влезе во неговото возило, но таа одбила. 

На 23.07.2024 во 15.30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Ѓ.О.(51) од Скопје пријавила дека од домот се оддалечила нејзината малолетна штитеничка А.А.(13) заедно со нејзиното петмесечно бебе. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.И.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 20.08.2023 на регионалниот пат Валандово–Струмица, пријавениот со патничко возило „фолксваген туарег“, во кое превезувал 17 мигранти од Сирија, удрил во сообраќаен знак, при што совозачот Н.Б. и мигрантите се здобиле со повреди.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесена кривична пријава против Џ.Р.(44) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“. На 03.07.2024, пријавениот од шестиот кат од станбена зграда ја фрлил неговата мачка и ја усмртил, а при извршен увид во домот на пријавениот биле забележани остатоци од угинати мачки. цр/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан