• петок, 08 ноември 2024

Конститутивната седница на градското собрание на Белград е одложена за 1 март

Конститутивната седница на градското собрание на Белград е одложена за 1 март

Белград, 19 февруари 2024 (МИА) - Конститутивната седница на градското собрание на Белград е одложена за 1 март, поради немање кворум, соопшти претседавачот Тома Фила.

Пратениците од листата „Србија против насилството“ денеска влегоа во градското собрание со истакнати транспаренти против, како што тврдат, изборни манипулации на изборите во Белград на 17 декември минатата година.

На транспарентите пишуваше „Белград не ве сака“, „Кражбата нема да помине“ и „Ги украдовте изборите“.

Присутни се Добрица Веселиновиќ и Владимир Јовановиќ, носителите на таа листа на белградските избори, како и Мила Поповиќ и Миќа Бериќ, Тања Пашиќ, Милош Павловиќ и други, известува „Политика“.   Во салата на градското собрание влегоа и пратениците од коалицијата НАДА, меѓу кои и лидерите на таа коалиција Милош Јовановиќ, лидерот на ПОКС Воислав Михајловиќ и Владимир Штимац.

Согласно Законот за локална самоуправа, Собранието треба да се конституира во рок од два месеца од објавувањето на изборните резултати, кој истекува на почетокот на март, во спротивно се именува привремено тело и се распишуваат нови избори.

Претседателот на Народното собрание е должен да распише нови избори во рок од еден месец, а изборите мора да се одржат во рок од 45 до 60 дена од денот на распишувањето на изборите согласно Законот за локални избори.

Претседател на градското собрание се избира од редот на одборниците на предлог на најмалку една третина од одборниците, а за да биде избран потребно е за него, со тајно гласање, да гласа мнозинството од вкупниот број на одборниците.

По изборот на претседател на градското собрание и секретар, има рок од еден месец да се изборе градоначалник на Белград.

Доколку тоа не се случи, Собранието се распушта, а претседателот на Собранието на Србија мора да распише избори во рок од два месеца, а од денот на распишувањето до денот на нивното одржување треба да поминат 45 до 60 дена.. ссм/

Остани поврзан