• сабота, 23 ноември 2024

Клисаровска: Кај нас висока инциденца од 20 нови случаи со карцином на грло на матка на 100 илјади жени

Клисаровска: Кај нас висока инциденца од 20 нови случаи со карцином на грло на матка на 100 илјади жени

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Во нашата држава има висока инциденца од 20 нови случаи со карцином на грло на матка на 100 илјади жени, споредено со она кон кое треба да се стремиме, два до четири нови случаи на 100 илјади жени. Ова беше кажано попладнево на прес-конференцијата на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, во соработка со Здружението на патолози и Македонското здружение за радиологија и онкологија, по повод недела за превенција од канцер на грлото на матката - од 22 до 28 јануари.

Претседателката на Македонската асоцијација за радиологија и онкологија, Виолета Клисаровска рече дека карциномот на грлото на матката е еден сериозен здравствен проблем од повеќе аспекти. 

- Првиот аспект би биле статистичките податоци. Околу 600 илјади жени на европско глобално ниво заболуваат. Половина од нив, ја губат борбата со болеста. Инциденцата, за жал, покажува една нехомогена дистрибуција, што во најголем дел ги афектира земјите во развој, меѓу кои и нашата земја. Дистрибуцијата е нехомогена и во однос на морталитетот, повторно со највисок морталитет во земјите во развој. Во Македонија, инциденцата се движи некаде на 20 нови случаи на 100 илјади жени што е прилично висока инциденца, ако споредиме со она кон што треба да се стремиме, два до четири случаи нови, на 100 илјади жени, појасни Клисаровска. 

Таа додаде дека вториот аспект што ја прави оваа болест прилично сериозна, е возрасното засегање.

- Оваа болест ги погодува младите жени во репродуктивната фаза од нивниот живот, со најголемо возрасно засегање, во популацијата од 45 до 50-годишна возраст.  Но, клиничката пракса покажува дека има сѐ повеќе случаи, се зголемува процентот и на жени кои се помлади и од 35 години, нагласи Клисаровска.

Таа се осврна и на третиот аспект на сериозност, третманот, очекувањата од третманот, зборувајќи за стадиумите на болеста и нагласувајќи дека е многу важен скринингот, а доколку нема утврдување преку скрининг, барем да се открие болеста во раната фаза, кога е можно и квалитетно стопроцентно излекување. 

На новинарско прашање, претседателот на Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Горан Димитров рече дека уште од 2017 година работна група има изготвено протокол, околу тоа како полека треба да се оди кон тоа, ХПВ да биде како примарен скрининг. Тој додаде дека се работи во тој дел и изрази надеж дека тоа ќе се реализира. 

Претседателот на Здружението на патолози, Рубенс Јовановиќ се осврна на состојбата изминатите години.

- Како патолог, морам да обрнам внимание на тенденцијата последниве години, особено по Ковид-19,  за дијагностика добиваме многу напреднати случаи оперативни примероци со многу напреднати карциноми во многу напреднат стадиум. Тоа прво ни троши и персонални и лабораториски дијагностички ресурси. Кога дел од тие средства, само дел од тие средства, би биле соодветно пренаменети во адекватен скрининг, мислам дека тоа многукратно би се исплатило. Не смееме да го гледаме скринингот како трошок, туку повеќе како сигурна инвестиција, што секако се исплаќа на рок од пет до 10 години, додаде тој.

Националниот координатор за имунизација, Александра Грозданова рече дека карциномот на грлото на матката во однос на нивните податоци, што се повеќе или помалку релевантни и во европскиот регион, е втор по својата бројка кај женската популација помеѓу 15 и 45 години, веднаш по карциномот на гради.

- Зборуваме за карцином, имаме вакцина. ХПВ вакцината е несомнено едно од откритијата на 21. век. Македонија беше прва земја во регионот во 2008 година што ја воведе оваа вакцина и во континуитет се работи за да се подобри опфатот на истата. Многу ми е драго што морам да истакнам дека се приклучуваме од оваа година на користењето на деветвалентната вакцина. Значи, ќе ја имаме ХПВ деветвалентната вакцина. Дополнително, го проширивме опфатот, односно се надеваме дека ќе го прошириме, со тоа што направивме неколку експертски препораки, што беа прифатени, а тоа е првенствено вакцинацијата на момчињата, што е и тек како многу битен сегмент, имајќи предвид дека тие се всушност трансмитери, но, од друга страна и неретко заболуваат од ХПВ асоцирани други видови карциноми, подвлече Грозданова.

Шефицата на канцеларијата на УНФПА, Афродита Шаља изрази надеж оти покрај оваа недела, иако таа е посебно посветена на превенција на ракот на грлото на матката, дека секој ден, 365 дена во годината, ќе се успее да се влијае.

Специјалната претставничка на СЗО за Северна Македонија, Ане Јохансен истакна дека многу е важно свеста да се подига и да се шири.

- Навистина е тажно што ги имаме сите алатки на располагање, а сепак таа останува една од најчестите болести што ги засегаат жените, порача Јохансен. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан