• понеделник, 23 декември 2024

Патот на црешовото топче: Свеченост и благослов во Бигорскиот манастир

Патот на црешовото топче: Свеченост и благослов во Бигорскиот манастир

Дебар, 27 јули 2024 (МИА) - Во чест на големиот македонски празник Илинден, традиционалната коњаница „Патот на црешовото топче“ повторно го направи својот годишен поход до Свештената Бигорска Обител. И оваа година, по петнаесетти пат, Бигорски беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски манастир – Патот на црешовото топче“, информираа од Бигорскиот манастир.

-Со благослов на нашиот старец и игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, група млади родољубиви комити, синоќа пристигнаа во манастирот. Овие храбри млади луѓе, облечени во традиционални комитски носии, со голема посветеност и љубов кон својата татковина, ја продолжуваат традицијата на Илинденците, додаваат од манастирот.

Утрово, коњаниците учествувале на светата богослужба во храмот на Свети Јован Крстител, каде од Архимандрит г. Доситеј, бил извршен молитвен благослов за нивниот марш до Крушево. 

Во својата беседа  ги „поттикнал младите на подвигот и пожртвуваноста на нашите предци, истакнувајќи ја важноста на љубовта кон Бога и Татковината".

-Денес, кога го славиме Свети Никодим Светогорец, кој ја напиша книгата „Невидлива борба" се потсетуваме дека иако немаме физичко востание како нашите предци, ние сѐ уште водиме борба – внатрешната борба на духот. Свети Никодим нѐ учи дека најголемата битка е онаа во нашето срце и ум. Неговите зборови нѐ потсетуваат дека треба да се бориме против нашите страсти, гревови и слабости, исто како што нашите предци се бореле за слобода. Оваа „Невидлива борба" е суштинска за нашиот духовен раст и за нашата врска со Бога, порачал Архимандрит Доситеј.

По завршувањето на богослужбата, коњаниците пред Светото Писмо, револвер и кама дале заклетва за верност кон револуционерното ослободително дело, истата заклетва што некогаш ја положиле сите членови на Македонската револуционерна организација. Овој чин е симбол на нивната посветеност и решителност да ја одржат живата меморијата за нашата борба за слобода.

-Свештената Бигорска Обител има длабоки историски корени во борбата за македонската слобода. Во текот на Илинденското востание, монасите од Бигорскиот манастир активно учествувале во подготвувањето на востанието. Една од најпознатите и најзначајните активности на монасите била изработката на црешовите топчиња, кои се користеле како оружје во борбата. Овие импровизирани топчиња, направени од црешово дрво, биле симбол на иновативноста и решителноста на нашите предци во нивната борба за слобода. Монасите ги изработувале овие топчиња со голема прецизност и вештина, и тие станале важен дел од вооружувањето на Илинденците, наведуваат од манастирот.

Претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на црешовото топче“,  Манојил Јаковлески, во обраќањето  упатил посебна благодарност кон владиката Партениј и братството за „нивната неуморна родољубива дејност и несебична поддршка за остварување на оваа манифестација".

Потоа коњаниците го продолжиле своето патешествие кон Крушево, каде што на 2 август ќе се одржи централната Илинденска прослава. 

-Овој настан не само што го обединува македонскиот народ, туку и ја поттикнува младината да ја запознае и почитува својата историја и традиција. Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието, остане засекогаш силно врежан во нашите срца, порачале од Бигорскиот манастир. вт/дма/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан