Кипарското прашање и случувањата во Сирија во фокусот на средбата Христодулидис – Стармер
- Волја за дополнително зајакнување на билатералните односи, изразиле претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и премиерот на Велика Британија Кир Стармер на нивната денешна средба во Никозија, а во фокусот на разговорите било кипарското прашање, како и последните случувањата во Сирија, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 10 декември 2024 (МИА) – Волја за дополнително зајакнување на билатералните односи, изразиле претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и премиерот на Велика Британија Кир Стармер на нивната денешна средба во Никозија, а во фокусот на разговорите било кипарското прашање, како и последните случувањата во Сирија, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на средбата, кипарскиот претседател и британскиот премиер истакнаа дека е „историска средба“ со оглед на тоа дека последната посета на Кипар на премиер на Велика Британија, била пред 53 години.
-Нашата средба е два месеци по нашата средба во Кабинетот на премиерот и ова е јасен доказ за нашата силна волја да работиме заедно за да ги зајакнеме нашите билатерални односи во одбраната, безбедност, инвестициите, трговија, образование, технологија, на сите нивоа. Го посетувате Кипар во период на важни случувања во нашата географска област. Ќе размениме мислења и ќе видиме како можеме да работиме заедно за да создадеме услови на стабилност и безбедност, рече Христодулидис
Британскиот премиер изрази задоволство што по средбата со кипарскиот претседател во Лондон во октомври, успеале толку брзо да ја организираат „оваа историска средба“.
-Ве молам ова да го сфатите како доказ за мојата намера дека би можело да достигне уште посилно ниво, веќе силната врска-соработка меѓу нашите земји, историски силна, силна поради врските што ги развивавме меѓу нашите народи во текот на многу, многу години и поради нашите заеднички интереси. Без разлика дали се работи за глобалните прашања со кои заедно се соочуваме, или за трговијата и инвестициите, енергијата, здравството, повеќекратните прашања, на кои нашите земји веќе соработуваат толку тесно, за редефинирање на односите со ЕУ, има уште толку многу работи за кои треба да разговараме, истакна Стармер.
Од кабинетот на кипарскиот претседател соопштија дека на средбата станало збор за билатералните односи, со акцент на претстојниот втор Стратешки дијалог меѓу двете земји, за соработката во безбедноста и одбраната, образованието и културата, економијата, инвестициите и трговски односи, чистата енергија и миграцијата, а двете страни изразиле задоволство „за нивото на билатералната соработка, како и заедничката волја на двајцата лидери за натамошно зајакнување преку координирани, заеднички акции“.
-Детално се разговараше и за регионалните прашања, особено за случувањата во Сирија и веројатните последици врз Источниот Медитеран и Блискиот Исток. Во овој контекст беше нагласена хуманитарната улога на Република Кипар во регионот, како преку обезбедување хуманитарна помош, така и во однос на евакуацијата на граѓаните од воените зони. Една од главните теми на разговор беа последните случувања во кипарскиот проблем и напорите на претседателот за рестартирање на разговорите за решавање на кипарскиот проблем, соопштија од кабинетот на Христодулидис. ср/