• четврток, 17 октомври 2024

И покрај апсењата на малолетници, нови дојави за бомби во училиштата во Сараево и Тузла

И покрај апсењата на малолетници, нови дојави за бомби во училиштата во Сараево и Тузла

Сараево, 16 октомври 2024 (МИА) - Иако последниве неколку дена имаше апсења на неколку малолетни лица, денеска на адресите на училиштата во повеќе градови во Босна и Херцеговина стигнаа нови дојави за бомби.

Од Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево за Klix.ba рекоа дека „постојат одредени пораки кои се предмет на проверка во однос на времето кога се испратени и кога се отворени“.

Известен е обвинителот за ова, а полициските службеници активно работат на овој случај. Според неофицијални информации, утрово пристигнала дојава во Maarif International училиштето во Сараево. Средното медицинско училиште во Тузла исто така добило дојава за поставена експлозивна направа.

„Продолжуваат понатамошните активности за документирање и разјаснување на настанот“, изјавија од МВР на Тузланскиот кантон за Tuzlanski.ba. Досега се покажа дека сите дојави биле лажни, а од МВР упатија апел до родителите да се вклучат во решавањето на овој проблем, бидејќи во претходните случаи се покажало дека дојавувачи на бомбите биле малолетници.

Полициските службеници на Управата за полиција на МВР на Кантонот Сараево во текот на ноќта под надзор на обвинителот на Кантоналното обвинителство уапсија двајца малолетници за кои постои основано сомневање дека вчера, но и претходно, лажно пријавувале постоење на експлозивна направа во средни училишта и други објекти во подрачјето на Кантонот Сараево.

Претходно, Федералната управа за полиција и Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево во соработка со Разузнавачко-безбедносната агенција идентификуваа две лица кои пријавувале бомби во сараевските училишта, по што МВР уапси еден малолетник за истото дело. ссм/

фото: архива

Остани поврзан