Кина ги отфрла тврдењата на ЕУ за прекумерно производство и бара олеснување на извозот на технологија
- Европската Унија треба да ги ублажи ограничувањата за извоз на високотехнолошки производи во Кина, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.
Пекинг, 25 јули 2025 (МИА) - Европската Унија треба да ги ублажи ограничувањата за извоз на високотехнолошки производи во Кина, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.
Во исто време, функционер на министерството ги опиша тврдењата за прекумерен капацитет во кинеската индустрија како „еднострано разбирање“ на глобалната понуда и побарувачка.
На редовниот брифинг, портпаролот на министерството, Гуо Џиакун, ги коментираше резултатите од состанокот на високо ниво меѓу кинеските и европските лидери одржан претходниот ден во Пекинг. Тој истакна дека Кина останува посветена на увоз на „квалитетни производи и производи со пазарна побарувачка“ од ЕУ.
-Тврдењето за прекумерен капацитет во Кина одразува еднострано разбирање на глобалната рамнотежа на понудата и побарувачката во контекст на економската глобализација и служи како оправдување за протекционистички мерки, рече Гуо.
Изјавата доаѓа еден ден по состанокот на високо ниво меѓу кинеските и европските лидери во Пекинг, за време на кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека ЕУ би можела да биде принудена да го ограничи пристапот до европскиот пазар за кинески стоки во отсуство на поголем трговски реципроцитет.
Фон дер Лајен, исто така, го привлече вниманието на трговскиот дисбаланс, истакнувајќи дека 14,5 проценти од целиот кинески извоз оди во ЕУ, додека само осум проценти од европскиот извоз стигнува до кинескиот пазар.
Иако Европската Унија и Кина се втори по големина трговски партнери, односите меѓу нив остануваат напнати, забележува ДПА. Брисел е загрижен за рекордниот трговски дефицит од над 300 милијарди евра минатата година, како и за ограничувањата на Пекинг за извоз на стратешки материјали. мс/
фото: МИА архива