Трамп: Австралија конечно го прифати американското „величествено“ говедско месо
- Според австралиското Министерство за земјоделство, одлуката е резултат на долгорочна анализа на американските системи за следење и контрола на добитокот. Иако Трамп и неговите соработници ја претставија одлуката како голем трговски успех, австралиските власти нагласија дека станува збор за самостојна одлука, а не резултат на билатерални трговски преговори.
Вашингтон, 25 јули 2025 (МИА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека Австралија по многу години конечно се согласила повторно да увезува американско говедско месо, нарекувајќи го тоа „непобитен доказ дека американското говедско месо е најбезбедно и најдобро во светот“ и упати предупредување до другите земји кои сè уште го одбиваат.
„По многу години, Австралија прифати да увезува американското говедско месо! Иако сме добри пријатели, долго време го забрануваа нашето говедско... Останатите земји кои го одбиваат нашето величествено говедско месо се предупредени“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл (Truth Social).
Тој додаде дека американските сточари се „меѓу највредните и најпрекрасните луѓе“ и порача дека ова е „златна ера на Америка“.
Австралија вчера објави дека ги олеснува правилата за биолошка безбедност и дозволува поширок увоз на американско говедско месо, вклучувајќи месо од добиток псо потекло од Канада и Мексико, но одгледан и заклан во САД.
Според австралиското Министерство за земјоделство, одлуката е резултат на долгорочна анализа на американските системи за следење и контрола на добитокот. Иако Трамп и неговите соработници ја претставија одлуката како голем трговски успех, австралиските власти нагласија дека станува збор за самостојна одлука, а не резултат на билатерални трговски преговори.
- Ова не го сторивме за да ги привлечеме Американците кон трговски договор. Тоа треба да го направат и без тоа, изјави австралискиот министер за трговија Дон Фарел.
Но, одлуката предизвика загриженост кај дел од австралиската опозиција. Министерот за земјоделство од владата во сенка, Дејвид Литлпрауд, предупреди дека тоа може да ги поткопа строгите стандарди за биолошка безбедност. - Треба да знаеме дали владата ги жртвуваше нашите стандарди само за премиерот Албанезе да добие средба со претседателот Трамп, изјави тој..
Аналитичарите сметаат дека ефектот од промената ќе биде претежно симболичен, бидејќи Австралија самата е меѓу водечките светски извозници на говедско месо, со пониски цени од американските. Лани, Австралија извезла речиси 400.000 метрички тони говедско месо во САД, додека американскиот извоз во Австралија бил само 269 тони. ссм/
фото: архива