Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид
- Во идната надворешна и безбедносна политика и проширување, Европската унија главната поддршка ќе и ја даде на Украина за одбрана од руската агресија, во политиката на проширување на Западен Балкан, ќе ги награди кандидатите кои спроведуваат реформи, помагаат за помирување и регионална соработка, но се отфрла решавањето на косовскиот проблем со поделба на територијата.
13 Ноември 2024
Бета
Во идната надворешна и безбедносна политика и проширување, Европската унија главната поддршка ќе и ја даде на Украина за одбрана од руската агресија, во политиката на проширување на Западен Балкан, ќе ги награди кандидатите кои спроведуваат реформи, помагаат за помирување и регионална соработка, но се отфрла решавањето на косовскиот проблем со поделба на територијата.
Ова произлегува од излагањето на Каја Калас која е предложена за висока претставничка за дипломатија и безбедност на ЕУ, и кандидатката за комесарка за проширување Марта Кос, кои во Европскиот парламент (ЕП) посочија дека европските дваесет и седум ќе помогнат Киев да се подготви за членство во ЕУ, а клучната геополитичка цел е Западен Балкан да постигне опиплив напредок во постојниот процес на проширување.
ЕП мора да ги потврди кандидатите за високи позиции предложени од Европската комисија, а Каја Калас за време на сослушувањето истакна пред пратениците во Парламентот на Унијата дека се потребни јасни резултати во следните пет години кога станува збор за проширувањето на ЕУ затоа што е од геостратешки интерес за Европејците.
Марта Кос изјави дека „поделба на Косово не доаѓа предвид“ и порача дека ниту ЕУ ниту таа не цели кон тоа. Таа одговори на прашањето на словенечки пратеник дали мисли дека „решение на проблемот со Косово за кој повторно се зборува е поделбата на територијата со Србија“, што беше во игра за време на претходната администрација на Доналд Трамп кој сега е реизбран за претседател на САД.
Засега речиси ништо не се дознава за идната политика на администрацијата на Трамп кон Западен Балкан, а новоизбраниот американски претседател на предизборен митинг само изјавил, според пишувањата на американските медиуми, дека претходната влада на Џо Бајден во Вашингтон „му давала празни ветувања на Западен Балкан“.
Предложената комесарка за проширување истакна дека владеењето на правото е фундаментален принцип за ЕУ и клучен услов во сите договори за партнерство со кандидатите за членство, а нагласи и дека нема влез во Унијата без почитување на европските вредности и демократијата.
- Затоа што ако не се спроведат реформите и преземените обврски, нема да има средства од фондовите на ЕУ, и за Србија и за Косово, и за кој било друг кандидат, рече таа.
- Нема кратенка, и само квалитетот на реформите ќе ја одреди брзината на влезот во Унијата, а тоа особено се однесува на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата, нагласи Марта Кос.
Кандидатите што ќе ги спроведат реформите ќе бидат наградени и ќе напредуваат во процесот за членство, ќе бидат вклучени во секторите на единствениот пазар на ЕУ, но, таа јасно стави до знаење дека оние кои заостануваат или не ги спроведуваат условите ќе бидат вратени назад. јт/