• понеделник, 16 декември 2024

Зеленски: Разговорот меѓу Шолц и Путин ја отвори „Пандорината кутија“, сега можеби ќе има и други разговори

Зеленски: Разговорот меѓу Шолц и Путин ја отвори „Пандорината кутија“, сега можеби ќе има и други разговори

Киев, 15 ноември 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени денеска дека разговорот на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател Владимир Путин ја отвори „Пандорината кутија“, поткопувајќи ги напорите да се изолира рускиот лидер.

„Сега можеби ќе има и други разговори, други повици. Само многу зборови. А токму тоа го сакаше Путин долго време, за него е исклучително важно да ја ослаби својата изолација“, рече Зеленски во вечерното обраќање.

Путин денеска за време на разговорот со Шолц рече дека Русија никогаш не одбила да преговара за крај на конфликтот во Украина, додавајќи дека можните договори треба да ги земат предвид безбедносните интереси на Русија, да се засноваат на „новата реалност на теренот“ и да се решат причините за конфликтот.

Кремљ објави дека Путин и Шолц имале „детална и искрена“ размена на мислења за ситуацијата во Украина.

Во разговорот Путин истакна дека Русија секогаш ги исполнувала договорните обврски во енергетскиот сектор и дека е подготвена за заемно корисна соработка на тоа поле, доколку е заинтересирана и Германија.

Рускиот претседател оцени дека руско-германските односи доживеале „невиден деградација“.

Руските медиуми јавуваат дека Путин и Шолц разговарале и за ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.

Путин и Шолц се договориле нивните помошници да останат во контакт и во иднина, пренесуваат руска новинска агенција. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан